петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 154
home Општини

Мицкоски: Најдобриот начин да се спротивставиме на пакостите и кочењата на власта е да има масовна излезност

Мицкоски: Најдобриот начин да се спротивставиме на пакостите и кочењата на власта е да има масовна излезност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот предизборен митинг во Кичево истакна дека власта ги изневери сите очекувања на граѓаните, не се реализирани ветувањата и немаат допир со реалноста во каква апатија се наоѓаат граѓаните, затоа потенцираше дека ова се избори кога ќе се стави крај на пакостите и кочењата на власта и народот ќе се избори за подобра иднина.

-Прекипено му е на народот од оваа власт, и овие локални избори се можност со вашата одлука и избор зад параванот да започнете да ги менувате работите. Одлучено е, а народот е решен дека сака промени на оваа корумпирана власт која не исполни ништо од тоа што вети. И затоа она што и преостана на власта е преку ситни итроманства, пакости и кочења да гледа да го намали поразот, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека најдобриот начин да се спротивставиме на сето ова е да има масовна излезност и дека доколку тоа се случи, власта е немоќна.

-Тие не може да купат толку гласови колку што народот може да излезе и да им ја запечати судбината зад параванот. Не наседнувајте ниту на оние странични пораки кои ги пуштаат преку нивните платени мегафони дека сите сме исти, кога не сме. Таа теза е измислена само за да на Власта и се продолжи рокот на траење уште некој месец, и на тој начин да продолжи да ја опустошува нашата земја. Не сме сите исти, затоа што ние веруваме во слободно мислечкиот народ, и ја слушаме и гледаме маката на луѓето, на работниците, невработените, на тутунарите, на земјоделците. Таа мака покажува колку е нечовечка оваа власт и ги руши сите надежи дека научеле некаква лекција по 52 месеци во кожно фотелји на власт, рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека на 17 октомври народот ќе и одржи лекција на власта која излегува со истите лаги и ветувања и која на народот му ја одзема заедничката иднина.

Коронавирус