петок, 4. декември 2020. Вести денес: 163
home Општини

Меѓународниот фолклорен фестивал за деца “Паланечка тројка„

Меѓународниот фолклорен фестивал за деца “Паланечка тројка„

Околу двесте играорци и играорки на возраст од шест до четиринаесет години беа дел од првиот меѓународен фолклорен фестивал за деца што се одржа синоќа во Крива Паланка.

Фестивалската програма започна со орото „тројка”, ја отворија домаќините, членовите на културно-уметничкото друштво „8 Октомври” кое работи под патронот на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, организатор на фестивалот.

-Фестивалот е модел на ожиување на фолклорот,негова популаризација помеѓу младите, преку традиционалната фолклорна ризница на младите да им се доближи традицијата и истата да се сочува од заборав, да се пренесе од генерација на генерација богатата колективна народна културна ризница, изјави директорката на НУ Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.

Меѓународниот фолклорен фестивал за деца “Паланечка тројка”  е поддржан од Министерството за економија како проект од областа на туризмот, со цел пошироката домашна и меѓународна јавност да се запознае до орото, мелосот од овој крај , што придонесува за развој на туризмот.

Фестивалот официјално го прогласи за отворен градоначалникот на општина Крива Паланка,кој истакна дека културата, јазикот и верата се основни одбележја кои не одржале низ вековите.

-Горди сме на младите генерации кои ги негуваат и продолжуваат вековните традиции, порача Мицевски.

На фестивалот настапија пет ансамбли на КУД “8 Октомври”, со вкупно осумдесет играорци,  КУД „Младост“ од Ковин, Република Србија, КУД „Етнос“, Скопје, КУД „Мирка Гинова“, Демир Капија, ФА „Мугри“, Кочани и КУД „Јанко Глигоров“, Свети Николе, а двочасовната програма беше заокружена со орото со кое започна фестивалот и чие име го носи “Паланечка тројка” во кое се приклучија голем број присутни граѓани и орото се играше во кругот на целиот плоштад.

Организаторот,НУЦК Крива Паланка додели благодарници за поддршка на учесниците, покровителите,на локалните институции и стопанственици овозможија успешна реализација на премиерното издание на фестивалот што се планира да прерасне во традиционален и од следната година да биде повеќедневен.

Коронавирус