вторник, 26. октомври 2021. Вести денес: 131
home Општини

Манчев: Решавање на проблемите со водоснабдување, дивите депонии и јавната хигиена, земјоделците ќе ни бидат приоритет

Манчев: Решавање на проблемите со водоснабдување, дивите депонии и јавната хигиена, земјоделците ќе ни бидат приоритет

Ристо Манчев кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за општина Босилово, на денешниот митинг таму, истакна дека нуди програма која е остварлива со многу работа, според која ветува дека ќе ги реши проблемите со водоснабдување, дивите депонии и јавната хигиена, а земјоделците ќе му бидат приоритет.

Манчев рече дека сега повеќе од било кога порано, се потребни промени, затоа што Република Македонија не само што не оди напред, туку и назадува во многу области, затоа што денес граѓаните не живеат подобро од порано, затоа што секојдневно, во континуитет, се рушат темелите на македонската државност.

-Доаѓа време на промени, доаѓа време на нова надеж, време на новата генерација политичари која ќе има последна можност да ја врати довербата, честа, достоинството и гордоста на македонскиот народ. Македонија мора да продолжи напред и да се развива, затоа што македонскиот народ тоа го бара и тоа го заслужува, порача Манчев од митингот.

Тој исто така истакна дека изминатите четири години во општина Босилово не е реализиран ниту еден крупен инфраструктурен проект, не е изграден ниту еден локален пат коишто поврзува две или повеќе населени места во општината.

-Промени, во општина Босилово се потребни, затоа што не е изграден ниту еден метар на канализациона мрежа во ниту едно населено место во општината, отпадните води не се третираат на ниеден начин, а јавната хигиена е под секое прифатливо ниво. Комуналниот отпад и дивите депонии, станаа грда слика на сите населени места во општина Босилово. Промени во општина Босилово се потребни затоа што една четвртина од граѓаните на општина Босилово немаат чиста и доволни количини на вода за пиење, истакна Манчев.
Манчев вели дека програмата за работа, која што пред четири години беше ветена од страна на актуелниот градоначалник Зоран Зимбаков, повеќе од 80 проценти не е реализирана.

-Затоа ние на овие избори, нудиме програма, која е реална и остварлива и опфаќа реализација на проекти во повеќе области и во сите населени места во општина Босилово. Програма, која дава решенија за најголем дел од проблемите кои ги мачат граѓаните, рече тој.

Тој ги посочи главните приоритети за општината за кои гарантираше реализација:

– Решавањето на проблемот со водоснабдувањето;

– Решавање на проблемот со дивите депонии и јавната хигиена;

-Решавањето на проблемот со отворените одводни канали;

-Mодернизација и реорганизација на Јавното претпријатие за комунални дејности „Огражден„ кое сега е пред тотален колапс, потонато во долгови и нула инвестиции во нова опрема и возен парк;

-Започнување со процесот на изградба на канализациона мрежа во повеќе населени места во општина Босилово;

– Изградба на тротоари, сообраќајна инфраструктура и подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Општина Босилово, мора рамномерно и еднакво да се рaзвива. Мора да се инвестира подеднакво во сите населени места, градоначалникот треба да биде човек кој се грижи подеднакво за секој поединец и за секое населено место во општината. Мојата визија е општина Босилово да биде модерна и економски развиена општина. Носители на развојот на општината ќе бидат малите и средни претпријатија и индивидуалните земјоделски производители. Ќе ги поддржувам локалните бизнисмени во реализацијата на нивните инвестициски планови затоа што развојот на општина Босилово е тесно поврзан со развојот на локалниот бизнис сектор, истакна Манчев.

Тој вели дека ќе биде најголемиот поддржувач и партнер на земјоделците, а плодните земјоделски површини кои се извор на егзистенција на најголем дел од граѓаните на општина Босилово, ќе биде приоритет во работата на новата локална самоуправа.
Ќе инвестираме во одржување на полските патишта, редовно ќе ги чистиме одводните атмосферски канали, ќе им помагаме на земјоделците во изработка на проекти и апликации за користење на средства од домашни и меѓународни програми кои подржуваат проекти во земјоделството и руралниот развој, истакна Манчев и ги повика граѓаните на Босилово да гласаат за промени и иднина, со заокружување на бројот 7 на 17-ти октомври.

Најнови вести

Локални избори 2021