четврток, 15. ноември 2018. Вести денес: 14
home Општини

КУРИР СТОРИЈА: Заборавени од државата, семејството Младеновски на свој грб ја носи сета суровост на животот

Спротивно од ветувањата на министерката Мила Царовска за подобар живот, семејството Младеновски од село Враготурце е лишено од основните човекови права и заборавено на маргините на македонско-српската граница
КУРИР СТОРИЈА: Заборавени од државата, семејството Младеновски на свој грб ја носи сета суровост на животот

Шестгодишниот Мики не се израдува на првиот училишен час откако остана без превоз и незапишан во општинското училиште во село Драгоманце во општина Старо Нагоричане. И неговата поголема сестра, 9 годишната Елеонора го пропушти првото училишно ѕвонче. Седумчленото семејството Младеновски останаа да живеe во село Враготурце кое се наоѓа на 1200 метри надморска висина, близу македонско-српската граница, во непристапен планински терен на територија на општината Старо Нагоричане.

Притиснати со сериозни здравствени проблеми ова семејство на свој грб ја носи сета суровост на животот и општеството.

-Голема неправда е моите деца, лете-зиме да одат по 13 километри дневно пеш низ планиниве, по студови и жештини за да стигнат до најблиското општинско училиште. Ова не е живот. Сите деца ми се со оштетен вид и со пречки во развојот. Куче да врзеш во оваа пустелија не може да седи, а камоли да живее. Овде возило не се качува и илјадници денари да платиш, вели таткото Новко кој е со сто отсто оштетен вид, а за неговата сопруга потврдува дека е лице со ограничени способности.

Со нив живеат и 19 годишниот Стефан и 21 годишната Ангелина, и двајцата со комбинирани пречки во развојот и проблеми со видот, додека 17 годишниот Филип е сместен во интернат во Скопје.

Младеновски живеат во стара и трошна куќичка со оскуден мебел, без кујна и купатило и елементарни услови за живот. Куќата само што не паднала, кровот протекува поради што еден од ѕидовите попуштил. Сета покуќнина ја сочинуваат неколку железни кревети, шифоњер, маса, фрижидер и шпорет на дрва.

Според таткото Новко, големи биле ветувањата на политичарите се дури дојдат на власт. Како пример ни го посочи тој на актуелната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа додека беше во опозиција често го користеше ова семејство преку социјалните мрежи.

Подоцна, Царовска откако седна на министерското столче, за кумановските медиуми изјави дека семејството ги имало добиено сите социјални бенефиции од државата, и не биле приоритет за добивање на социјален стан.

-Целосно сум запознаена со случајот и додека бевме во опозиција јас комуницирав со семејството. Тие ги примаат сите права што им следуваат согласно законот. Единствено што може да се направи е да се плати превоз. Тоа што може системот да го направи за ова семејство е направено, превозот треба да го изменаџира Општината, изјави пред нецела година Царовска.

Изјавата на Царовска беше контрадикторна со ставовите на нејзината претходничка Фросина Ременски која еднаш  го посетила семејството и дала ветување за трајно решавање на состојбата со социјален стан доколку дојде нејзината партија на власт.

-Царовска треба да дојде овде да живее, за да види како е да се живее во изолација.  Со месеци барам да ме прими на разговор градоначалничката на Општина Старо Нагоричане, но не сака да слушне за нас. Човек кога има маки, бара  помош, ако ми е добро никој не ми треба. Ние ги поставивме, ние ќе ги смениме, категоричен е Новко.

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Старо Нагоричане во рамки на своите акции за посета на социјално загрозените семејство, деновиве беше во село Враготурце и донираше основни намирници на фамилијата Младеновски.

Семејството Младеновски е лишено од основните човекови права загарантитани со Уставот на Република Македонија. Децата со посебни образовни потреби немаат слободен пристап до образовна, социјална и здравствена институција, а ниту пак имаат пристап до адекватно домување.

Остануваат и понатаму сите заедно да живеат во костец со сиромаштијата и социјалната исклученост немајќи пристап до основните ресурси за задоволување на елементарните животни потреби кои значат квалитет на живот.