сабота, 8. мај 2021. Вести денес: 1
home Општини

Комуналец почна со пролетно чистење на дивите депонии

Комуналец почна со пролетно чистење на дивите депонии

Едномесечна акција за чистење на дивите депонии почна денеска прилепски „Комуналец“ по повод 22 април, денот на планетата Земја.

Според директорот на ЈКП „Комуналец“, Ѕвонко Јованоски ќе се чистат 10 детектирани диви депонии на подрачјето на општината. Јованоски со апел до граѓаните да бидат совесни и да не создаваат депонии, зашто инспекциски редари ќе ја контролираат состојбата со исфрлањето смет, градежен шут и отпад па ќе се казнуваат поединци и фирми.

– Битката со дивите депонии ќе ја добиеме само тогаш кога граѓаните и градежните фирми од градот ќе бидат наши сојузници, а не наши противници. Депонијата „Алинци“ стои на располагање за одложувањето на секаков смет и шут и да се депонира таму. Апелирам до комуналните инспектори и редари да излезат на терен, да ги увидат овие девијантни појави и да ги спречат. Воедно да ги насочуваат граѓаните и градежните фирми својот градежен шут да го депонираат во депонијата „Алинци“, а оние несовесните и неодговорните да бидат казнети. Само така ќе можеме да си ја заштитиме животната средина, да си го заштитиме градот и планетата Земја, изјави Јованоски.

По чистењето на дивата депонија кај надвозникот, надвор од Прилеп на патот за Битола, на која се натрупани над 350 метри кубни инертен и комунален отпад, ќе се чистат дивите депонии над касарната „Мирче Ацев“, Заполшки мост, на патот спрема селото Оревоец, над населбата „Кузман“, кај патот за Маркова чешма и Ленишки мост, на патот кон вештачкото езеро, и на повеќе локации во населбата Тризла.

Минатата година на депонијата „Алинци“ се одложени 3.228 тони градежен шут и 323 тони неупотреблива земја, од вкупниот отпад однесен на депонијата или 26 500 тони комунален отпад одложен на депонија.

(Миа)

Коронавирус