вторник, 13. ноември 2018. Вести денес: 1
home Општини

Кавадаречки „Комуналец” со нови машини

Кавадаречки „Комуналец” со нови машини

Кавадаречки „Комуналец” обезбеди нови машини, за поголема ефикасност во работењето. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев денеска го посети претпријатието и во изјава за медиумите, информираше дека за прв пат е обезбедена машина за автоматско обележување на сообраќајна сигнализација и сигнализација за паркирање, вредна околу 20 илјади евра.

-Претходно, обележувањето беше преку тендерска постапка. Сега таа работа за општината, ќе ја изведува ова претпријатие. Целта ни е поголема функционалност во работењето, граѓаните да добијат навремена и поквалитетна услуга. За ситни работи да не се чека распишување на тендер. Со тоа граѓаните за исти пари ќе добијат подобра услуга, нагласи Јанчев.

Вкупната инвестиција која е за нова механизација, изнесува околу 350 илјади евра. Обезбедено е и уште едно друго возило, кипер со товарен дел, за пофункционално извршување на работите, кое чини околу 30 илјади евра.

Директорот на претпријатието, Ѓоко Поп Ицов соопшти дека претстои обука за ракување со машината за бележење на сообраќајна сигнализација. Станува збор за современа машина од американско потекло. Досега бележењето било на примитивен начин. Сега работењето ќе биде поефикасно и поквалитетно. За во наредните триесетина дена, тој најави три нови возила.

-Возниот парк ќе ни биде комплетиран со што навреме ќе одговориме на новите дејности дадени од Советот на општината, додаде директорот.

МИА