вторник, 12. ноември 2019. Вести денес: 88
home Општини

Кавадарци со програма за третман на бездомните кучиња

Кавадарци со програма за третман на бездомните кучиња

Кучињата скитници во Кавадарци прво ќе се заловуваат, па ќе се третираат, со кастрација, социјализација и обележување со микрочип. Ова го предвидува предлог програмата за третман кон бездомните кучиња, усвоена од советниците во Советот на општината.

На седницата беше кажано дека расте бројот на кучиња скитници во Кавадарци. Притоа беше изразен и сомнеж дека тие најверојатно се носат и од други региони.

Најголем дел од мерките предвидени во програмата, ќе ги реализира јавното претпријатие „Комуналец“, во соработка со евидентирани прифатилишта.

Во програмата се предвидува хумана еутаназија на кучиња скитници, во случај на појава на заразна болест.

Контролирањето на квалитетот и исправноста во постапката на обврските на локалната самоуправа, согласно Закон за заштита и благосостојба на животните и годишната програма, ќе го врши Инспекторатот од Агенцијата за храна и ветеринарство, а контролирањето на спроведувањето на општите мерки пропишани во програмата, ќе го врши локалната самоуправа.

За реализација на зацртаните активности во програмата, Кавадарци од буџетот ќе издвои 300.000 денари.

Образложение на програмата даде Драган Симоновиќ, раководител на Секторот за комунално уредување, сообраќај, екологија и заштита на животната средина.