среда, 19. јануари 2022. Вести денес: 0
home Општини

ИЗЛЕАНИ ПОВЕЌЕ РЕКИ: Поплавени голем број куќи во Кичево од интензивните врнежи од дожд

ИЗЛЕАНИ ПОВЕЌЕ РЕКИ: Поплавени голем број куќи во Кичево од интензивните врнежи од дожд

Како последица на интензивните врнежи од дожд во Кичево во текот на ноќта се излеаја повеќе реки при што се поплавени стотина домови, голем број подрумски и помошни простории.

-Дождот кој што со мали прекини во Кичевско врне три дена, создаде повеќе проблеми на неговите жители. Во текот на ноќта се излеа Зајашка Река и ги поплави објектите на улица „Прилепска“, каде под вода останаа стотина домови. Водата во текот на денот почна да се повлекува, а во поплавените домови остана калта и високата влага. За да им се излезе во пресрет на овие граѓани, дел од нив се згрижени во една спортска сала во градот, каде ќе останат се додека не се стабилизира состојбата, рече Дашмире Адеми, раководител на ПО на ДЗС Кичево.

Таа посочи дека во текот на ноќта повеќето улици во градот биле целосно поплавени и било невозможно одвивање на сообраќајот.

Наведе дека се излеал и каналот Иванидол и поплавил повеќе куќи и подрумски простории.

-Во текот на ноќта од силните врнежи од дожд се излеа и каналот Иванидол при што поплави повеќе домови во истоимената населба, како и домови и подрумски простории лоцирани на улица „Борис Кидрич“, истакна Адеми.

Од надојдената вода се излеа и Беличка Река, при што ги поплави соседните ниви и ливади. Штетите од поплавите допрва ќе се утврдуваат.

Коронавирус