среда, 20. ноември 2019. Вести денес: 181
home Општини

Граѓаните на Кочани се само организираат: Протест за чист воздух овој викенд во градскиот парк во Кочани (ФОТО)

Граѓаните на Кочани се само организираат: Протест за чист воздух овој викенд во градскиот парк во Кочани (ФОТО)

Самоорганизирана група на граѓани кои се нарекуваат “Граѓанска иницијатива за чист воздух” од Кочани за во сабота 9-ти Ноември со почеток во 11 часот организираат граѓански протест преку кој од надлежните институции уште еднаш ќе побараат решавање на проблемот со загадениот воздух во Кочани, пренесува Брегалница.мк.

На социјалните мрежи врие од незадоволство кај граѓаните кон актуелните катастрофални состојби на амбиенталниот воздух предизвикани од загадувањето во градот кој што е на највисоко можно ниво споредено со останати градови во Брегалничкиот регион.

-Загадениот воздух зема данок во крв. Стоп за тивката смрт! Спаси се! Спаси ме! Стоп за болниот воздух, сакаме здрав живот! Излези на протест! Кочани некогаш беше чист град, сега е еден од најзагадените!, се дел од повиците на граѓаните од иницијативата кои повикуваат на протест.

Наспроти тоа неодамна во јавноста проструи информација дека бил саботиран и забранет граѓанскиот собир во селото Бели, кочанско на кој требало да се разговара за загадувањето со кое се соочуваат жителите на ова село.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг временски период упатуваат свои апели за решавање на состојбите со загадувачите во општината, особено градската депонија која е под надлежност на комуналното претпријатие во општината и Градоначалникот.

-Не прашувајте ќе има ли ова, ќе има ли она…вклучете се активно,,,да им дадеме поддршка на луѓето организатори кои ги завршија сите правни работи, обезбедија транспаренти, постери, апарат за мерење…означување…лесно е од страна. Јас прашав да не треба нешто…од солидарност направив флаери…тоа е минимална сума, ама секоја поддршка значи. ВКУЧУТЕ СЕ СО ДЕЛА И КОНСТРУКТИВНИ ДИСКУСИИ… ДА НЕ ГО ИЗГУБИМЕ ФОКУСОТ ЗА ПОЛЕСНО СТАСАМЕ ДО ЦЕЛТА!, стои во повикот на фејсбук на млада жителка на Кочани која се приклучува на протестот.

Иницијаторите на протестот од граѓанската иницијатива упатија и покани за присуство на протестот до кочанскиот Градоначалник и Претседателот на Советот на Општина Кочани.

Протестот е најавен да започне во градскиот парк во Кочани во 11.00 часот, по што граѓаните ќе се упатат кон двата влезови во Кочани- кај клучката кај Превалец и кај клучката кај Подлог за каде се најавени блокади на сообраќајот.