понеделник, 17. февруари 2020. Вести денес: 0
home Општини

Градбите покрај градскиот парк во Кавадарци според планови донесени во 2003 и 2013

Градбите покрај градскиот парк во Кавадарци според планови донесени во 2003 и 2013

Градбите кои никнуваат кај градскиот парк во Кавадарци се според планови донесени во 2003 и 2013 година и не навлегуваат во паркот. Вака рекоа градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и Цветанка Тодорова Лекоска од Секторот за урбанизам при општината, кои на барање на новинарите, ги презентираа генералниот и деталниот план на градот, откако деновиве МИА информираше дека беше формирана Иницијатива за спас на градскиот парк.

Се осврнаа на постоечкиот генерален план донесен 2003 година и деталниот урбанистички план во делот на паркот донесен во 2013 година.

Тодорова Лекоска појасни дека постоечките планови биле донесени според законски предвидената постапка, а биле добиени и сите неопходни согласности, меѓу кои и тие од Министерството за животна средина и транспорт и врски. Појасни дека десно од влезот во паркот е веќе изграден еден колективен станбен објект П+3+ ПК, до него ќе има уште еден таков. Западно од тие објекти, постојат уште шест маркички предвидени за такви објекти за колективно домување. Покрај сите тие објекти, во внатрешноста меѓу нив, има пет маркички за мали комерцијални деловни објекти П+3 како пошта, продавница и слично.

Јанчев рече дека немаат можност да укинат постоечки планови, особено кога веќе има издадено градежни дозволи, инвестирано во објекти и направено инфраструктура.

– Но можеме да ветиме дека во планот кој го изработуваме паркот од околу десет хектари ќе биде заштитена зона и нема да има ниту сантиметар проширување од претходните планови. Ќе се заштити секое зеленило во градот, а ќе има и нови зелени површини. Јавно и транспарентно ќе ги информираме нашите граѓани и ќе гледаме нашите служби да бидат поажурни во информациите до граѓаните и тие да имаат можност да реагираат навремено при донесувањето на деталниот урбанистички план. Знаете кога некој во 2013 донел план, а не реагирал никој, а траела процедурата повеќе од година две, ние сега тоа не можеме да го ревидираме или нешто ново да донесеме, нагласи градоначалникот.

Не станува збор само за површини на општина Кавадарци и Република Македонија, голем дел се и приватни парцели, така да овој детален план може бил и инициран од тие приватни сопственици на парцели, кои сакале да градат на самите парцели.

Носителите на иницијативата за спас на паркот, појаснија  дека станува збор за самоиницијативна граѓанска група,  која ќе се залага и ќе се бори за зачувување и заштита на најубавиот предел во градот, паркот, кој е еден од најубавите во Македонија.

– Градскиот парк претставува природно богатство кое мора да го зачуваме и негуваме. Сакаме  да го направиме нашиот град подобро место за живеење. Да го спасиме од уништување белегот на градот. Сведоци сме на никнување на станбени згради и пристапни патишта до истите, со чија што градба трајно се уништува зеленилото и се нарушува мирот и спокојството на граѓаните кои ги користат благодетите на паркот. Градскиот парк не треба да биде градежна зона, туку катче за рекреација, бели дробови на градот, односно да ја задржи својата првобитна намена и цел, рекоа тие.

МИА