недела, 19. јануари 2020. Вести денес: 80
home Општини

Гореше јавна депонија во Струмица, никој не одговара (ВИДЕО)

Гореше јавна депонија во Струмица, никој не одговара (ВИДЕО)

Пред два дена гореше депонијата на ЈПКД Комуналец Струмица во селото Добрашинци. Густ црн чад од запален отпад се ширеше низ околината и никој за тоа не реагираше.

Да биде иронијата поголема оваа депонија има и чуварска куќарка со натпис Комуналец и никој не реагираше додека отровниот чад со часови го загадуваше воздухот.

-Зошто, бре, луѓе? Зошто го правите ова? До чуварската куќичка на која пишува „Комуналец“! Го чувате ова нешто што гори за случајно да не дојде некој гад и да ви го изгасне? Само ли се запали на сред зима? Барем пола година ви гори депонијата! Што горите? Увозен канцероген отпад? Радиоактивен отпад? Печете скара? Треба да објасните што е тоа што го горите и зошто? Има ли општински инспектори? Има ли државни инспектори за да напишат кривична пријава за загрозување на животот и здравјето на луѓето?- реагираа од еколошкото здружение Здрава Котлина од Струмица кои го објавија ова видео.

Јавното претпријатие Комуналец Струмица беше во фокусот на јавноста пред една недела кога излезе официјалната информација дека повеќе од милион евра, поточно 1,173,562 евра, ќе потроши Струмица за чистење на градот. Според Бирото за јавни набавки, ЈПКД Комуналец-Струмица ќе му плати на Друштвото за производство, трговија и услуги ДАСМАК ДООЕЛ увоз-извоз Струмица.

Во описот за тоа каква услуга ќе добие за возврат комуналното друштво, се вели „Услуги во врска со отпадни води, отпадоци, чистење и животна средина“. Договорот беше склучен на 25 ноември, а ќе важи во период од само една година.

Договорот како скандалозен го посочи советникот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Струмица, Сашо Милковски, кој јавно праша како специјализирана фирма со околу 500 вработени (ЈПКД Комуналец) ги предава работните задачи за собирање и транспротирање на сметот на фирма за која никој не знае со какви возила располага, заради што побараа од надлежните да се расчисти настанот?

За случајот со запалената депонија Добрашинци досега не видовме реакција ниту од инспекторатот, ниту општина Струмица, ниту Комуналец Струмица, ниту фирмата партнер која добила речиси 1,2 милиони евра за комунални услуги.