сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 74
home Општини

Донирани учебници и дидактички помагала во училиштата во Пустец

Донирани учебници и дидактички помагала во училиштата во Пустец

Основните училишта во општина Пустец, Мала Преспа добија учебници и едукативни материјали. Донацијата, издавачката куќа „Арс ламина – публикации“, е распределена на учениците од прво до четврто одделение во двете ОУ „Отпорот на Горичени“ во Долна Горица и  „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ во Пустец и нивните подрачни училишта.

– Со ова, учениците од Општина Пустец добија можност полесно да ги следат и да ги совладаат наставните единици на часовите по математика и по природни науки – предметите за кои е предвидено наставата да се одржува на македонски јазик. Според законската регулатива во Албанија, образовниот процес во оваа област во Мала Преспа, каде што живее признато македонско малцинство, 60 отсто од наставата треба да се одвива на македонски јазик, изјави за МИА,Васил Стерјовски, член на Советот на општина Пустец.

Според него донацијата се состои од 860 публикации, меѓу кои учебници и работни тетратки по математика и природни науки, едукативни помагала за во училница, географски карти и постери, во вкупна вредност од 341.160денари.

Бранка Бугариска, директорка за издаваштво на „Арс ламина“ се надева дека со оваа донација ќе биде надминат проблемот со кој се соочуваа училиштата во Општина Пустец, кои имаа недостиг  од учебници по математика и по природни науки на македонски наставен јазик.

– Едукацијата, посетата на наставата и пристапот до соодветни образовни помагала и книги е универзално право на сите деца. Учебниците се неопходни како основни наставни средства и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели. Тие помагаат во описменувањето и оспособување на младите во иднина. Затоа е важно децата да учат на јазик што го разбираат. Мило  ни е што новата учебна 2018/2019 година учениците од училиштата во Мала Преспа ќе ги следат овие предмети од нови учебници, вели Бугариска.

Додава дека на почетокот на новата учебна година издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ презема активности со кои ќе ги направи подостапни училишните материјали до најранливите социјални групи, донирајќи книги, учебници и дидактички помагала.

Неодамна „Арс Ламина – публикации“ донира училишна опрема за деца во социјален ризик, во рамките на добротворната акција „Среќна училишна година“ на Здружението за хумано-општествен развој „Проект Среќа“. Претходно, пак, подари и библиотека на Дневниот центар за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести, „Собата на Жозеф“ во Детската клиника – Скопје, опремена по иницијатива на Здружението за борба против рак, „БОРКА – За секој нов ден“

МИА

Коронавирус