четврток, 20. септември 2018. Вести денес: 0
home Општини

Додека власта тера кампања за промена на името, државата се гуши во смет и запалени депонии

Додека власта тера кампања за промена на името, државата се гуши во смет и запалени депонии

Преполни контејнери, купишта смет низ центарот на градовите, запалени депонии во сред лето е сликата за општините, додека власта тера кампања за промена на името. Само изминатава недела КУРИР  објави неколку стории за нечисти општини кои се дават во смет, а реакција од локалната власт нема. Лекарите кои ги контактиравме велат дека неодговорноста на власта граѓаните ги чини здравје, а во таа насока земавме и стручни мислења кои детално ги објаснуваат последиците по здравјето на граѓаните.

Крива Паланка, како што велат дел од граѓаните жртва на лошото менаџирање со ЈП Комуналец, секојдневно се дави во смет. На фотографиите испратени до нашата редакција може да се види дека секаде кај што има контејнер просторот околу него се прави мала депонија, а разлетан смет има и до десетина метри од самите контејнери.

Градот  кој некогаш важел за еден од почистите во државата, како што велат жителите на Делчево сега се соочува со преполни контејнери кои не се чистат и по недела дена. Сметот како што не информираа граѓаните се разлетува насекаде, а поради големиот број кучиња скитници кои го разнесуваат насекаде целиот град се претвора во депонија.

Тетово е град кој од тоа ние што го забележавме со нашите екипи на одредени места наликува повеќе на депонија, отколку на место каде живеат  луѓе. Жителите револтирани од односот на локалната самоуправа велат дека ѓубрето седи со недели и се жалат дека во ек на лето смрдеата е неподнослива, но исто така и голем извор на зарази.

Градот Куманово го има најгорливиот проблем од сите градови низ  државата, град во кој на секој чекор во сред лето горат диви депонии со купишта смет, со чад кој оди директно во куќите на луѓето.

Од проблеми со животната средина се соочува и Скопје, скопската населба Гази Баба, вчера во текот на денот се соочуваше со големо загадување, кое е необјасниво за овој период од годината и е исклучително опасно особено за хроничните болни, земајќи во предвид дека се наоѓаме во ек на летни горештини.

Лекарите кои што ги контактиравме велат дека ваквата ситуација на преполни контејнери и диви депонии низ градовите се најголем причинител на зарази, особено на стомачни зарази, кои се пренесувани како што велат тие преку инсектите кои гравитираат околу сметот, но и преку глодарите, како што се стаорците кои се хранат од тие места, а подоцна можат да дојдат и до допир со домашни миленици, земјоделски производи, но и директно со луѓе.

Горењето на овие диви депонии е уште поопасен процес, бидејќи истите согоруваат и ослободуваат големи количини јаглероден моноксид, но и тешки метали кои се директна опасност и причинител на голем број респираторни и кардиоваскуларни проблеми.