СДСМ и градоначалничката Наташа Петровска, ги излажаа граѓаните, обвини Борче Димитровски, советник во Советот на општина Битола.
-Градоначалничката Наташа Петровска на прес конференција на 10 ноември кажа дека долгот на општината е 13.5 милиони евра. Сега истата таа Петровска достави завршна сметка потпишана од неа, во која стои дека побарувањата на Општина Битола изнесуваат 5.5 милиони евра, а обврските, односно долговите 3.5 милиони евра. Изнесените невистини се уште подрастични бидејќи како долгови се вкалкулирани над 1 милион евра обврски по судски постапки кои се во тек, а не се завршени со правосилна пресуда, ова отвора секако дополнителни прашања по однос на вистинитоста на овој податок, истакна тој.
Димитровски обвинува дека ова претставува грубо поигрување и манипулација со граѓаните.
-Ако досега говоревме за алиби политика, ароганција и лицемерие, после доставувањето на завршната сметка на Општина Битола очигледно е дека станува збор за луѓе кои се служат со груби лаги и невистини. Очигледно скандалозното работење е вистинското лице на новата локална самоуправа во Битола, после овие груби лаги и недоследности, само со цел за стекнување на алиби и евтин публицитет, не знам како воопшто да и се верува на оваа локална самоуправа која треба да го види градот следните 3 и пол години. Паролата „живот за сите“ е всушност „лицемерие и лаги за сите“, заклучи тој.