понеделник, 17. февруари 2020. Вести денес: 0
home Општини

Детали за новогодишната ноќ во Охрид: Најмногу работа имале екипите на Брзата помош

Детали за новогодишната ноќ во Охрид: Најмногу работа имале екипите на Брзата помош

Ниските температури во текот на ноќта не ги спречи дел од охриѓани и некои од гостите Новата година да ја дочекаат на Градскиот плоштад каде имаше организиран дочек со забава и огномет.

Новогодишната ноќ во Охрид генерално мина спокојно и мирно. Според бројот повици и интервенции најмирно минаа пожарникарите, а најмногу работа имаше за вработените во Службата за итна медицинска помош.

Полицискиот рапорт за „најлудата ноќ” без пријави за какви било проблеми. На територијата под ингеренции на СВР – Охрид што ги зафаќа општините Охрид, Струга, Кичево, Вевчани и Дебар, ноќта минала мирно, а ситуацијата според полицискиот извештај е проценета за безбедносно стабилна. Во текот на ноќта не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир и нема случени сообраќајни незгоди.

Територијалната противпожарна служба дежурството го мина аплолутно мирно без ниту една интервенција, што според нив се должи на внимателниот однос на граѓаните и свесноста за опасностите при ракување со отворен оган и пиротехнички средства.

За разлика од нив, полни раце работа за екипите на Службата за итна медицинска помош. Тие примале пациенти и повици во текот на целата ноќ, интеревенирале и на терен. Најмногу од интервенциите се однесувале на претерано консумирање алкохол, како и повреди настанати во пијанство. Службата работи со неколку екипи, а дел од нив ноќеска вршеле и транспорт на покритични случаи за Скопје, така што од Итната медицинска помош се апелира до граѓаните да се воздржуваат од повици без вистинска потреба.

Охрид се уште е без принова во новата 2020 година. Тоа набргу ќе се смени оттаму што во првиот ден од новата година на Одделението за гинекологија и акушерство при Општата болница со претпородилни трудови се примени две идни родилки.

Инаку, што се однесува на забавата и дочекот на Новата 2020 година, во Охрид без исклучок беше весело, како по угостителските објекти и хотелите така и во рестораните и клубовите. Ниските температури во текот на ноќта не ги спречи дел од охриѓани и некои од гостите Новата година да ја дочекаат на Градскиот плоштад каде имаше организиран дочек со забава и огномет.

Инаку, градот е полн со гости, а сончевото време во текот на денот ги наполни терасите на охридските кафулиња и ресторани. Како понуда за забава тука е и од вчера отвореното лизгалиште на мраз, да донесе барем малку зимски амбиент за време на овие новогодишни празници што минуват без снег.