четврток, 28. јануари 2021. Вести денес: 123
home Општини

Дел од Кавадарци страда поради дивата населба во градот

Дел од Кавадарци страда поради дивата населба во градот

Дел од Кавадарци страда поради дивата населба во градот, беше заклучено на денешната седница на Советот на Општина Кавадарци.

Разгледувајќи ги извештаите за работа и плановите на образовните институции, дел од советниците се осврнаа на прашањето за дивата населба.

Ташо Радњански, како член на комисијата за образование, рече дека четири училишта, еден дом и градинка имаат проблем поради дивата населба, со луѓе кои веројатно не се жители на Кавадарци.

Тој наведе дека има кражби и напади на деца, додавајќи дека мора да се преземе нешто за решавање на проблемот.

Лазар Туриманџов додаде дека проблеми имаат и околните жители.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев информираше дека двапати бил извршен увид во дивата населба „Тенеки мало”. Триесетина проценти од луѓето таму немале лични карти.

Советниците донесоа заклучок дека Општината заедно со претставници од Министерството за труд и социјална политика, треба да излезе на терен и да се даде предлог за решавање на проблемот.

Јанчев исто така предложи засилена полициска контрола во околината на дивата населба во Кавадарци.

На седницата се расправаше и за проблемот со немањето доволно простор за најмладите во градинка.

Јанчев соопшти дека 340 дечиња чекаат ред, а дека за околу 170 ќе се најде место до крајот на годината со доградба. За наредната година најави две градинки, од кои една приватна. Многу од децата, рече, додека чекаат, го надраснуваат периодот за во градинка.

– Да има критериуми и да нема дискриминација по која било основа. Има многу револтирани родители и тоа со право, нагласи градоначалникот.

Ташо Радњански побара во решавање на проблемот да помогнат и компаниите, кои секако имаат интерес да бидат згрижени децата на нивни вработени.

На седницата се расправаше и за субвенциите за купување на ефикасни енергетски грејни тела, кои се доделуваат првпат. Првично определените милион денари за таа намена, сега се зголемуваат на три милиони. Ќе се субвенционира педесет проценти од набавката на печка на пелети или инвертер клима, но не повеќе од 15 илјади денари.

Вториот повик ќе биде од 5 до 20 октомври и нема да биде по принципот „прв дојден, прв услужен“ како првиот пат, туку со лотарија и јавно извлекување. Со цел намалување на загадувањето.

– Имаше голем интерес и затоа ја зголемивме сумата. Тие што не добија субвенции првиот пат, ќе учествуваат во лотаријата. Целта е што повеќе семејства да се префрлат од загадувачко кон еколошко греење. Се прави физибилити студија за откривање на загадувачите во Кавадарци. Првиот пат за два часа се исполни бројот од 65 лица кои добија субвенции, а се пријавија 104, појасни Јанчев.

Советниците донесоа одлука за зголемување на буџетот на манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2019”, како и  за платите на општите работници во јавното комунално претпријатие.

Тие ја изгласаа и одлуката за можност за плаќање на рати за правните лица, кои должат пари за комунални услуги на „Комуналец”.

На семејствата пак, кои имаат стари комунални долгови од 2010 година наваму, ќе им бидат отпишани каматите и трошоците за нотарска или извршителска постапка, а ќе им се даде и можност главниот долг да го платат на 20 рати.

И добро ситуирани не плаќале вода и комунални услуги, но за нив не важи ослободувањето.

На крајот од седницата претседателот на Советот Ристо Сакалиев јавно од говорница проговори за значењето на референдумот и кажа дека ќе гласа „за” во недела, на што бурно реагираа дел од советниците.

Коронавирус