недела, 9. мај 2021. Вести денес: 111
home Општини

Асфалтна база во Куманово доби забрана за работа заради прекумерно загадување

Асфалтна база во Куманово доби забрана за работа заради прекумерно загадување

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на 5 март изврши вонреден надзор на асфалтната база Кооп инженеринг ДОО во Куманово, при што е утврдено повеќекратно надминување на граничните вредности за прашина, а на асфалтната база ѝ е наредено да престане со работа во период до 30 дена.

Како што посочија од ДИЖС, граѓаните од населбите Железничка станица, Бедиње и Черкези доставиле видео запис на кој може да се види емисија на густ чад, поради што во текот на ненајавениот надзор се извршиле мерења на отпадни гасови и прашина од страна на акредитирана лабораторија.

Целта на мерењата е утврдување на реалните емисии и проверка на претходни извештаи за почитување на граничните вредности од дозволата, нарачани од страна на самата инсталација.

Со Извештајот на акредитираната лабораторија е утврдено повеќекратно надминување на граничните вредности за прашина.

-Во согласност со наодот на лабораторијата, на 12-ти март на асфалтната база ѝ беше наредено да престане со работа во период до 30 дена, односно додека се постави соодветен вреќаст филтер. Филтерот ќе обезбеди дека со наредни лабораториски мерења емисиите ќе бидат во рамките на дозволените граници, соопштија од ДИЖС.

Државниот инспекторат за животна средина информира дека ќе продолжи со ненајавени мерења на емисиите во воздухот и испуштањето на отпадни води од страна на загадувачите, што ќе ги врши акредитирана лабораторија, ангажирана по пат на јавна набавка.

Коронавирус