сабота, 21. септември 2019. Вести денес: 48
home Македонија

ВМРО-ДПМНЕ со честитка по повод 8 септември- денот на независноста

ВМРО-ДПМНЕ со честитка по повод 8 септември- денот на независноста

Независна и суверена Република Македонија била визија за која генерации Македонци живееле, твореле, се жртвувале и се бореле. Да се има сопствено парче земја во кое сами ќе ја градиме својата иднина, била идеја за која живееле и гинеле илјадници патриоти на овие простори, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ по повод денот на независноста.

-Сето тоа стана реалност на референдумот 1991 година кога македонскиот народ без двоумење, во огромно мнозинство се определи за своја држава. На овој ден пред 28 години Македонците го остварија својот вековен стремеж за создавање на независна и суверена Македонија која со гордост ќе можат да ја нарекуваат свој дом.  На 8 септември се оствари сонот на Илиденците, борците на НОБ и сите оние кои својот живот го положиле за сонот наречен Република Македонија.  Пред точно 28 години македонските граѓани масовно излегоа на референдумот за независност каде јасно и гласно кажаа дека сакаат да живеат во независна и суверена Република Македонија, додаваат од партијата.

Во честитката се наведува и дека овие турбулентни времиња, кога се оспорува македонскиот идентитет, јазик и историјата, докажуваат дека борбата за Македонија никогаш не завршува. Секоја генерација има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува. На оваа генерација и беше наметната промена на името на државата и покрај тоа што власта не доби поддршка на референдум. Оваа генерација гледа како се гребат шахти и се преименуваат улици и објекти. Оваа генерација се соочува со обидот да се брише и заборави дел од историјата. Се најавува ревизија на учебниците и промена на обележјата. Наместо да се чува идентитетот, името, јазикот, културата и историјата, власта тргува со се што е свето. Македонија е економски опустошена земја, во која владее криминалот, а не правото. Македонија е земја од која што младите масовно заминуваат, а не основаат семејства.

Сега повторно е време кога треба да покажеме и докажеме со дела и работа колкава е љубовта кон нашата татковина.

Време е сите да покажеме дека сакаме да живееме во просперитетна и демократска Република Македонија.

Нека е честит и вековит овој голем празник, Денот на независноста!

Нека ни е честита, вековита и просперитетна Република Македонија, стои во честитката на партијата.