понеделник, 13. јули 2020. Вести денес: 127
home Вести

Зошто се брза до пресуда за срушена дивоградба, а се одложува судскиот процес за убиството кај Смилковско езеро?

Зошто се брза до пресуда за срушена дивоградба, а се одложува судскиот процес за убиството кај Смилковско езеро?

Едното судење е за монструозно убиство на пет лица, другото е за уривање на дивоградба. Верувале или не, за некој од надлежните, поважен случај за разрешување е вториот.

Станува збор за случаите „Монструм“ и „ТНТ.“ Во првиот се обвинети убијците на 4 деца и еден маж, а во вториот функционери од минатата Влада кои дале наредба да се сруши дивоградбата на Фијат Цаноски.

Во четвртокот на убијците од Смилковското Езеро им беше порачано дека можат да здивнат. Една ноќ порано рочиште за случајот „Монструм“ е одложено поради проценката на судијата Огнен Ставрев дека е поважно итно да продолжи судењето за предметот „ТНТ“.

Првенствено, за случајот „ТНТ“ во декември беа закажани три рочишта, на 2-ри, 18-ти и 24ти. За „Монструм“ беше закажано само едно на 19-ти декември. И претходно јавноста и стручната фела негодуваа за проценките на Ставрев, кој е претседател на судечкиот совет во „ТНТ“, а член на советот во „Монструм“, за очигледното форсирање на случајот за рушењето на објектот Космос на коалициониот партнер на Заев, Фијат Цаноски, поставувајќи го прашањето зошто овој случај е поважен за судот од случајот за петкратното убиство на Смилковското Езеро.

Се убрзуваат рочиштата бидејќи поротникот на „ТНТ“ треба да оди во пензија. Во овој случај е ангажиран поротник кој пред две години наполнил 60 и треба да оди во пензија. Чија грешка е тоа и кој ќе одговара што заради старосната граница на поротникот, монструозни убиства се ставаат во втор план?

За петкратното убиство на 12-ти април 2012-та година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017-та година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Но, судењето никако да почне, а за пресудата да не ни зборуваме.Последните најави говорат дека рочиштето треба да се одржи на 25-ти декември, но дали судијата ќе има повторно друг приоритет, останува да видиме.

Албанците бараат од Заев да ги ослободи осудените за Смилковско езеро, како што им ветил

Група претставници на Албанци по потекло од Македонија го предупредија Заев дека Албанците би можеле да организираат протести во Македонија доколку не бидат исполнети нивните барања. Тие од Заев бараа да ги ослободи, како што рекоа, сите албански политички затвореници, потсетувајќи го премиерот дека тој тоа го ветил пред доаѓањето на власт.

Му порачаа на Заев дека вооружената акција „Диво насеље“ во Куманово била политички случај, како и оти убиството на петмина млади Македонци на Смилковското Езеро, во близина на Скопје, бил случај поради кој во затвор се наоѓаат невини Албанци.

Се разделија со прашањето – „мораме ли да организираме протести?“, на што Заев одговори – „не морате, се ќе биде во ред“, пишува „Танјуг“.

Зекири: За „Монструм“ се апсеа невини луѓе, чекаме правда

Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири зборуваше за убиството од Смилковско Езеро, односно за случајот „Монструм“ каде пет лица беа убиени.

Случајот „Монструм“ за Зекири е монтиран, а осомничените убијци за него се невини.

-Случајот „Монструм“ е измонтиран, се апсеа невини луѓе и затоа процесот се врати назад и затоа луѓето сега чекаат правда, и процесот е почнат од почеток, рече Зекири во своето гостување.

Што и каде ветувале Заев и Зекири и дали тие директно даваат наредби за одложување на рочиштата, не знаеме. Но, со сигурност, секој здраворазумен човек ќе сфати кој од овие два случаи треба експресно да биде решен.

Пет семејства останаа завиени во црно, тагуваше цела Македонија. Крвнички беа запрени животите на млади луѓе кои допрва требаше да живеат. Убиството на Смилковското езеро беше најкрвав чин кој Македонија го памети во поновата историја. Казна за убијците чека цел народ.

Од друга страна, направената штета за која се води ТНТ е срушен објект на Цаноски поради фактот што дел од него бил изграден на диво или незаконски.

Меѓу обвинетите во случајот се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Со овој потег, станува јасно дека некому е поважно да бидат казнети политичките неистомисленици, наместо убијци да одговараат за монструозен чин.