петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

ЗНМ објави дека Регистарот на портали е волонтерски, ја повика Владата да ја преиспита одлуката

ЗНМ објави дека Регистарот на портали е волонтерски, ја повика Владата да ја преиспита одлуката

Здружението на новинари (ЗНМ) вчера се огласи преку соопштение откако Владата се постави дискриминаторски кон дел од медиуми, а во однос на пристапот до информации и можноста за поставување на прашања на прес-конференциите кои се одржуваат на „Илинденска“ број 2, но и можноста за работа на терен по воведувањето на полицискиот час во Македонија.

Првиот потег на цензура кон медиумите Владата го направи откако објави дека само он-лајн медиумите кои се дел од регистрите на ЗНМ и Советот за етика ќе може да поставуваат прашања на прес-конференциите организирани од Владата.

Ва оваа одлука на Владата реагираа Македонската асоцијација на медиумите (МАН) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои укажуваа дека на сите медиуми – електронски, печатени и онлајн медиуми треба да им се обезбеди еднаков пристап за известување.

По воведувањето на полицискиот час, Владата го направи вториот чекор на цензура кон медиумите. Имено, повторно на медиумите кои не се дел од наведените регистри, нема да им биде дозволено да ги извршуваат своите професионални задачи на терен по 21 часот. За останатите медиуми ќе биде издадена посебна дозвола.

На оваа владина одлука вчера реагираше и ЗНМ од каде укажуваат дека зачленувањето во Регистарот на професионални онлајн медиуми е на волонтерска основа.

-Регистарот служи за да се промовираат и афирмираат медиумите кои ги почитуваат професионалните стандарди и критериумите за членство, како помош на граѓаните при изборот на медиумите за нивното информирање и на бизнис заедницата во пласирањето на нивните реклами. Целта на Регистарот е да се следи почитувањето на новинарските стандарди, да се поттикнува професионалноста и да се алармира на прекршувањата, но не може да служи за ограничувања во секојдневното извршување на работните задачи. Оттука, сметаме дека ограничувањето според кое медиумите кои не се дел од овој Регистар не можат да добијат дозвола за движење со цел вршење задачи во услови на полициски час не е оправдано и бараме Владата да го преиспита ваквиот чекор, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Од ЗНМ истакнуваат дека во исто време сите онлајн медиуми потребно е да бидат свесни за тежината на изречениот збор во вакви времиња и да сфатат дека одговорноста од евентуално непрофесионално известување е нивна, но последиците ќе ги трпат граѓаните.

Коронавирус