понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 133
home Вести

ЗНМ: Дел од мерките во планот на Владата се проблематични

ЗНМ: Дел од мерките во планот на Владата се проблематични

Предлог планот против ширење на дезинформации кој вчера го промовираше премиерот Зоран Заев наиде на загриженост кај новинарите.

Од ЗНМ се огласија преку соопштение во кое велат дека со внимателност ги следат чекорите на владата, а нивната првична оценка за Предлог планот е дека содржи точки поради кои тие како Здружение изразуваат загриженост.

-Во насока на исклучување на сомнежи за злоупотреба на обврската на Владата да ја гарантира слободата на изразување, од исклучителна важност е процесот на консултации за овие теми да биде максимално инклузивен и транспарентен од самиот почеток. Освен тоа, Владата треба да знае дека дефинирање на професионални стандарди и оценката за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да ги прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не владина институција или каква било работна група во рамки на Владата, стои во соопштението.

Од ЗНМ додаваат дека меѓу другото е важно извршната власт да биде транспарентна и точна во начинот на пренесување на информациите кон јавноста, како превентивен механизам за погрешно толкување од страна на медиумите.

-Од друга страна, со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки и тоа особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко – регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога. Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета во и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја. Битката против дезинформации е сложен процес, не само во Македонија туку и општо во светот. Европската комисија веќе има план за превенција кој е добар основ за планирање на активности и во нашата земја, но од исклучителна важност е локалниот контекст и затоа е нужно новинарите и медиумите да имаат силна улога во креирањето на овие стратегии и да бидат однапред вклучени во процесот, се наведува во соопштението од ЗНМ.

Коронавирус