понеделник, 24. јануари 2022. Вести денес: 73
home Вести

Жителите во Кочанско се соочуваат со наезда на диви свињи

Жителите во Кочанско се соочуваат со наезда на диви свињи

Поради забраната за лов во целиот источен регион, заради присуство на вирусот на африканската чума, во Кочанско се соочуваат со наезда од диви свињи. Земјоделците од повеќе села од Осоговијата и Плочковица се жалат дека трпат големи штети на есенските посеви во нивите и градините, а дивите свињи им влегуваат и во дворовите. Ловците кои имаат за задача да го пребаруваат теренот за угинати диви свињи од болеста, сведочат дека целосно се уништени неколку 100-тина декари засеани со пченка и компир во атарите на селата Видовиште и Теранци, а поради нивната агресивност опасни се и за домашните животни. Ловците не смеат да реагираат и да им помогнат на селаните. Од досегашната потрага по ловните терени не се пронајдени угинати диви свињи како последица од африканската чума.

Лабораториските испитувања на месото во залиха од пред воведувањето на забраната, покажало негативни резултати на присуство на вирусот. Покрај ловот, забранета е и купопродажбата на домашни свињи, а сточниот пазар во Облешево останува затворен до важноста на мерката воведена по препорака на Агенцијата за храна и ветринарство. Во радиус од 3 км од жариштето еутанизирани се 195 свињи и закопани во посебни јами на депонијата во Делчево. Во кланица ќе завршат и околу 700 домашни свињи од зоната под надзор во радиус од 10 км.

Коронавирус