сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 87
home Вести

Жителите на Влае на протест: Луѓе гинат по небезбедни улици додека општината Карпош и градот Скопје не мрднуваат со прст

Граѓаните се жалат и поради неосветлената улица која за жал пред неколку денови ја зеде и првата жртва- велосипедист.
Жителите на Влае на протест: Луѓе гинат по небезбедни улици додека општината Карпош и градот Скопје не мрднуваат со прст

Жителите на скопско Влае денеска излегоа на протест во знак на револт откако пред два дена на улицата „Ацо Шопов“ беше прегазен шеесет и три годишен велосипедист.

-Ова е собир на граѓани кои бараат слободно движење по улицата поранешна  „Пролетерска“ сегашна „Ацо Шопов“. Тротоарите од двете страни се нонстоп блокирани, не можеме ние ниту пешки, ниту со велосипеди, ниту пак млади брачни парови со бебиња и колички да се движат. Неколку пати имаме интервенирано во месната заедница која е во оваа близина, но самите вработени ги паркираат автомобилите на тротоарите и веднаш се лутат зошто сме се бунеле. Во близина има кафеана, а тротоарот во нејзина близина е целосно блокиран и често ако реагираме од кафеаната излегуваат физички да се пресметуваат со нас, велат дел од жителите во изјава за КУРИР.

Тие додаваат дека поради камионите, автомобилите и гајбите кои ги поставуваат среде тротоарите по целата улица нема теорија да се помене безбедно по истата.

-Од општина Карпош ни велат дека не е нивна работа и дека градот требало да ја среди истата која е под нејзина надлежност, велат револтираните жители на овој дел од населбата Влае.

Инаку Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Карпош вчера сподели статус на нивната Фејсбук страница во врска со трагичниот настан кој се случи пред два дена во нивната општина.

-Почитувани граѓани на Карпош, за жал вчера околу 19 часот се случи трагедија. Во тешка сообраќајна несреќа животот го загуби велосипедист. Очевидци сведочат дека возило удрило во велосипедистот, кој починал на лице место. Сообраќајката била страотна. Полицијата пристигнала на местото на несреќата пред брзата помош. За жал на конкретната улица во Влае во тој момент немало улично осветлување ниту пак има поставено велосипедски патеки за велосипедистите.
Безбедноста и мобилноста на велосипедистите треба да е на приоритетна листа на секоја локална власт секогаш!
Велосипедистите и жителите кои се движат по овој патен правец се небезбедни и секојдневно изложени на ризик, некој да ги прегази поради недостатокот на тротоар и велосипедски патеки.
На 6 октомври 2019 година, ВМРО ДПМНЕ ОК Карпош, незадоволни од односот на локалните власти, ја блокиравме улицата „Скупи“, позната како „Тетовска трошарина“ која важи за една од најфрекфентните во главниот град, токму за да укажеме дека пешаците и велосипедистите кои ја поминуваат таа рута, се во секојдневна опасност. За жал вчера се случи најлошото. Изгубен е еден живот.
Потребни се суштински чекори за зајакнувањето на безбедноста на граѓаните на Карпош. Дополнително потсетуваме дека токму за овој проект не се потребни ниту премногу активности , ниту пак премногу средства.
За ОК на ВМРО ДПМНЕ Карпош безбедност на граѓаните на нашата општина е единственото нешто што е битно . Повторно апелираме како и многу пати досега да се издвојат средства и да се направи велосипедска патека и тротоар на потегот од Влае до ул Скупи за добро на секој од нас.
На семејството на починатиот велосипедист изразуваме најдлабоко сочуство
Со почит ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош, стои во нивниот пост на фејсбук.

Граѓаните се жалат и поради неосветлената улица која за жал пред неколку денови ја зеде и првата жртва- велосипедист.

Тие како што велат никој не им помага во решавање на овој проблем во населбата која штом ќе се стемни наликува на сцена од хорор приказна во 21 век.

Коронавирус