недела, 1. август 2021. Вести денес: 0
home Вести

Зибери: Ковид-19 негативно влијаеше врз правата на граѓаните

Зибери: Ковид-19 негативно влијаеше врз правата на граѓаните

Ковид 19 ги наруши речиси сите текови во општествениот живот, а посебно негативно влијаеше врз слободите и правата на граѓаните, изјави народниот правобранител Насер Зибери, на денешната презентација на Извештајот за темелните права на Агенцијата за темелни права на Европската унија за 2021 година.

Според него, на удар пред се најдоа ранливите категории, како што се децата, децата со попреченост, лицата под социјален ризик, како и една сериозна бројка на популацијата од ромското население.

– Во овој период, особено во време на прогласувањето на вонредната состојба, посебно проблеми се појавија по однос на семејното насилство и од едно истражување изнесовме сериозни податоци за тоа како прогресивно расте семејното насилство во ефективна вонредна состојба, полициски час и тн, изјави Зибери.

Тој нагласи дека годината која е зад нас ни даде поука за понатамошно дејствување на институција народен правобранител, но и на другите чинители.

– Затоа и нашите препораки во Годишниот извештај одат во таа насока како да го подигнеме квалитетот на заштитата и унапредувањето на човековите права слободи и права, а поготово во призма на овие дефекти кој ни се појавија и исфрлија на површина со ранливите категории, со семејното насилство, со состојбите во затворите и другите сегменти кој навистина бараат посебно внимание од институцијата Народен правобранител, рече Зибери.

Мерките кој одат во заштита на здравјето на граѓаните, како што истакна омбудсманот Зибери, често пати детерминираа поинакво дејствување на институциите, многу институции беа полузатворени, полуотворени, пристапот до правда беше ограничен и се разбира капацитетите на институциите беа лимитирани и не можеа да бидат на ниво на потребите на граѓаните. Народниот правобранител има констатирано низа слабости во институциите и во преземањето на мерки кој одат во насока на подигнување на квалитетот на заштита.

Коронавирус