понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 54
home Вести

Земјоделците може да поднесуваат барања за субвенции и викендов

Земјоделците може да поднесуваат барања за субвенции и викендов

Земјоделците имаат време уште една недела да понесат барање за субвенции. Рокот за аплицирање за Програмата за директни плаќања за 2020 година истекува на крајот од месецов, на 31 јули.

За да им се излезе во пресрет на сите земјоделци кои сакаат да поднесат барања за субвенции, подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе работат и викендов.

-Со цел да им излеземе во пресрет на сите земјоделци кои сакаат да поднесат барања за субвенции, сите подрачни единици ќе работат и за време на викендот (сабота и недела) до истекување на рокот за доставување на апликациите. Поднесувањето на барањата може да се врши електронски, односно самостојно од страна на барателите со регистрирање во системот на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде што е ставено упатството за аплицирање, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Оние земјоделци кои не можат електронски да поднесат барања или имаат потреба од помош при пополнување на електронските барања, можат да се обратат во подрачните единици.

На веб-страницата на Министерството за земјоделство се објавени и телефонските броеви на раководителите на подрачните единици за земјоделците да имаат можност и телефонски да побараат помош.

Од подрачните единици велат дека интересот на земјоделците е на задоволително ниво. Тие издадоа и посебни соопштенија за земјоделците на нивната територија. Така, на пример, од подрачната единица во Куманово информираа дека со оглед на пандемијата аплицирањето за субвенции е организирано според азбучен ред, за да се намалат турканиците, а со тоа и ризикот од инфицирање со ковид-19

Земјоделците поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство: полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади. До крајот на месецот барање за финансиска поддршка може да достават и сите кои се занимаваат со сточарско производство: одгледување говеда, овци, кози, пчели и свињи, за финансиска поддршка за заклани животни во кланица.

Коронавирус