четврток, 14. ноември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Здравството е во колапс- наместо грижа за здравјето на прилепчани, Филипче води грижа за задоволување на апетитите на блиските соработници до власта

Здравството е во колапс- наместо грижа за здравјето на прилепчани, Филипче води грижа за задоволување на апетитите на блиските соработници до власта

Иако од СДСМ ветуваа здравство по европски стандард, бесплатно болничко лекување, 100.000 денари плата за докторите, освен низа скандали за кои секојдневно сведочиме и нула инвестиции, нема што да им понудат на граѓаните. Здравството секаде е во колапс. Средствата од буџетот се трошат за задоволување на апетитите на блиски соработници до власта, а сето тоа на штета на обичниот граѓанин, истакна Иванчо Младеновски од ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

-Она што Прилеп и прилепчани добија од оваа влада, е одлуката која Филипче ја кажа пред одреден период, а тоа е дека нашата општина останува без лабораторија па така прилепчани ќе бидат принудени лабораториските услуги да ги извршуваат во соседните градови како Битола. Пред некој месец, одделението во градската болница за анестезија и реанимација, беше оставено без основните лекови за работа, при што на пациентите им беа одлагани операциите, рече Младеновски и додаде:

„За потсетување, во наше време беа вложени oколу 30 милиони денари во набавка на нова опрема, вклучувајќи четири ехо доплер апарати во одделенијата на рентген, интерно и урологија, оперативен стол со сателит светло и ехо апарат за операционата сала на гинекологија, мобилен RTG апарат на ортопедското одделение, пет пациент монитори, еден апарат за анестезија, компјутерски томограф и дигитален мамограф во Градската болница. Пет милиони денари беа инвестирани  во апарати за дијагностика во лабораторијата, спортската и трудовата медицина во ЈЗУ Здравствен дом. Оваа установа доби и комплетно нов возен парк, со нови санитетски возила за службите на итна медицинска помош и домашно лекување“.

Ги повикуваме, потенцираше тој, директорите на Здравствен дом, Градска болница и Центарот за јавно  здравје да кажат кои инвестиции ги реализираа досега во нивните установи и со што придонесоа во нивно подобрување.

-Колку средства од Буџетот на Република Македонија се издвоени за продолжување на овој тренд на реконструкција и набавка на нова опрема? И наместо да го замајуваат народот со некакви донации и вообичаената ЌЕ реторика за некое идно време, да кажат што конкретно сработија досега? Почитувани, за жал владата предводена од СДСМ е фокусирана на делење матни тендери од речиси 40 милиони евра на новорегистрирани фирми, тендери поврзани меѓу ќерка и татко, тендери во 4 очи без запазување на законската постапка, кои оставаат сомнеж за можен криминал, подвлече Младеновски и додаде:

„За речиси 100 млади специјализанти кои неколку пати се обраќаат до Владата, нема плата. Со ваквата ароганција и водење грижа за неколкумина, се остава на цедило една цела генерација млади доктори кои се жртви на лажни ветувања. СДСМ не смее да си поигрува со животот и здравјето на граѓаните. Инвестирањето во здравствениот систем мора да продолжи! Затоа е потребно што поскоро оваа неспособна влада да си замине, затоа што нашите граѓани заслужуваат подобро“.