петок, 14. мај 2021. Вести денес: 110
home Вести

Здравствените власти од денес најавија масовна вакцинација во шест регионални центри

Здравствените власти од денес најавија масовна вакцинација во шест регионални центри

Започнува масовната имунизација на населението, во повеќе регионални центри низ државата – Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола. Предвидено е да се вакцинираат меѓу 10 до 15 илјади граѓани на ден, со што здравствените власти очекуваат до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба.

Во меѓувреме бројот на заболени се намалува и со тоа и притисокот врз болниците, по што Главниот координативен кризен штаб предложи од среда полицискиот час да почнува од 23 часот и да трае до 05 часот наредниот ден, а летните тераси и градини на угостителските објекти да работат до 22:30 часот.

Овие предлог-мерки треба да бидат разгледани на следната седница на Влада и би биле со важност од 5 мај 2021 година.

Вкупно 200.000 кинески вакцини, кои пристигнаа минатата недела, се дистрибуирани во салата „Борис Трајковски“ во Скопје и регионалните центри во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што од денеска со нив ќе почне масовната вакцинација на населението.

Министерот за здравство Венко Филипче, по пристигнувањето на 200 илјади вакцини „Синофарм“ во петокот најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“.

Според Министерството за здравство, согласно вчерашниот ден на инфективните оддели низ земјава се лекуваат вкупно 1.085 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот и во ковид-центрите има 757 празни болнички кревети.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.747, бројката на оздравени пациенти е 133.871, на починати е 4.961, а бројот на активни случаи изнесува 13.915.

Коронавирус