среда, 16. октомври 2019. Вести денес: 142
home Вести

Заврши протестот во Атина насловен „Македонија значи Грција“

Заврши протестот во Атина насловен „Македонија значи Грција“

Протестот на плоштадот Синтагма во Атина насловен „Македонија значи Грција“, заврши со читање на резолуцијата, која организаторите, како што самите најавија ќе ја достават до претседателот на државата, премиер и до грчкиот Парламент.

– Да се исклучи секаква можност за користење на грчкото име Македонија и изведените зборови, кое е еднакво со името Грција и е нераскинлив елемент од националниот идентитет, бараат организаторите во нивната резолуција.

Според грчката полиција, на собирот учествуваа околу 140 илјади граѓани, на површина од околу 50 илјади метри квадратни.

На присутните им се обратија композиторото Микис Теодоракис, професорорт по уставно право Јоргос Касиматис и митрополитот Доротеос претставник на Светиот синод на ГПЦ.

На собирот, како што јавува дописникот на МИА од Атина, прв говорник беше грчкиот композитор Теодоракис, кој упати остри критики до грчката Влада, но и до нашата земја. Освен тоа што рече дека Македонија е грчка, Теодоракис, побара и референдум.

– Ако една грчка влада помисли да го стави потписот на земјата за сложено име, нема друг избор освен да го праша грчкиот народ. Упатувам повик до пратениците, кои го имаат тоа право да побараат референдум, рече Теодоракис.

Посочи дека тој и грчките граѓани не прифаќаат да бидат пасивни набљудувачи во период кога земјата се наоѓа во толку критичен момент.

– Јас сум патриот, го презирам и се борам против фашизмот во сите негови облици и во најопасниот облик левоориентираниот, порача грчкиот композитор.

Во центарот на Атина, меѓу граѓаните беа и поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, пратеници од опозициската Нова демократија, од партијата коалиционен партнер во владата Независни Грци, префектот на областа Централна Македонија, како и лидерот на Сојуз на централисти и пратеници од партијата. 

Ниту еден протест за антикризните мерки што речиси сите влади ги гласаа во Грција, а носеа кратења на плати и пензии, ниту еден протест во рамки на генералните штрајкови, ниту еден собир за финансиските проблеми на земјата, од почетокот на кризата и воведувањето на меморандумите од 2010 до денес, јавува дописникот на МИА од Атина, не успеа да собере толку многу Грци, колку што денеска излегоа на протестот за Македонија.

Паролите што ги извикуваа учесниците на протестот беа истите што се слушнаа и на протестот во Солун, дека Македонија е грчка, додека пак според аналитичарите и новинарите во Грција, протестот, како што веќе анализираше МИА, доби и антивладин карактер.

„Ципрас и Каменос ја распродаваат Македонија, да се одржат сега избори“,  пишуваше на плакатот што го носеа неколку млади Грци.

Учесниците на соборот со кои поразговара дописникот на МИА од Атина, велат дека се горди што денеска толку граѓани наместо на кафе или ручек излегле на улици за да го „одбранат името Македонија“.

– Ова е порака до Владата, нема право и не смее да преговара за името Македонија, вели за МИА една постара госпоѓа која заедно со нејзините пријателки дошле на Синтагма, опремени со грчки знамиња.

Анархистите организираа контра протест, регистрирани мали инциденти

Паралелно со протестот на Синтагма, на оддалеченост од околу 800 метри, анархистички и антифашистички организации одржаа контра протест. Полицијата со блокови од полициски автобуси, го подели просторот за да се избегне допир на двете групи и да се избегнат инциденти.

Далеку од главниот протест, во делот каде што се одржа контра протестот, група лица со грчки знамиња, веројатно ултрадесничари, се упатила кон делот каде што беа собрани членовите на анархистичките организации. Настанаа мали инциденти, кога групата ја нападнала полицијата со камења, а специјалците одговориле со мала количина солзавец.

Коѕијас: Продолжувам да преговарам за доброто на татковината 

Протестот преку твитер го коментираше шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. На неговиот профил напиша дека „рејтинг агенциите денеска добија демант“ и упати критики до опозициската Нова демократија.

– Продолжувам, со мирна совест и одговорност да преговарам за доброто на татковината, напиша Никос Коѕијас на твитер, објави МИА.

(МИА)