Откако Македонија не доби датум за почеток за преговори со Европската Унија заради немањето суштински реформи, Зоран Заев наместо вината да ја бара кај себе и владата која ја предводи почна да губи контрола и да ги обвинува сите останати.
Имено кога речиси беше извесно дека Франција се противи на добивањето на датум, Заев во неговото обраќање во Виена си дозволи да навреди две европски земји и докажани пријатели и поддржувачи на Македонија, како Полска и Унгарија, говорејќи дека имаат внатрешни проблеми и проблеми со владеење на правото
– Ние сакаме да бидеме дел од Европа бидејќи ние веруваме во европските вредности. Понекогаш можеби повеќе веруваме во тие европски вредности од некои држави членки. Споменувам транспарентно, држави како Полска, Унгарија каде имаат проблеми со владеење на правото и други внатрешни проблеми, изјави Заев во Виена.
На навредите се приклучи и неговата поранешна советничка, Ивана Јордановска која преку социјалната мрежа Твитер лично со вулгарни зборови го нападна францускиот премиер Макрон, како тој да е виновникот што владата на СДСМ не ги исполнила реформите потребни за почеток на преговорите.
Виновник во Европа, а не во македонската влада побара и поранешниот пратеник од СДСМ, Павле Богоевски кој во неговото гостување во Анализа 24 изјави дека доколку одлуката биде негативна, Македонија требало да ги спушти телефоните за ЕУ.
-Ова однесување на Унијата е под стандардите и доста разочарувачки. Со тоа ќе падне и еланот во земјава а треба да бидеме и свесни дека одлуката во голема мера би се одразила во државата. Телефоните за ЕУ тогаш би требало да бидат спуштени, изјави Богоевски.
Воедно ништо поинаков не беше ниту министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој предизвика дипломатски скандал со соседна Србија. Тој на коментар на неговиот приватен Фејсбук профил стави лајк на коментарот: „Ние ќе победиме, а Србија ќе гори во пеколот. Саботажата на Србија е историска“, што предизвика остри реакции. Медиумите во Србија остро реагираа на ваквиот потег на Димитров, пишувајќи дека ваквиот непримерен гест е окарактеризиран како дипломатски инцидент скандал и тоа се смета како уште една провокација кон Србија.
Очигледно дека Заев и неговите соработници не се подготвени да ја понесат одговорноста за недобивање на датумот и за неисполнувањето на обврските кои Европската Унија ги побара од државата. Токму затоа тие се решени да не скараат со соседите и Европа само за да не признаат дека потфрлиле на полето на реформите и дека се неспособни да ја внесат државата во Европската Унија.