недела, 28. ноември 2021. Вести денес: 59
home Вести

Заев задоволен од Командант Хоџа: Коментарите на јавноста го погодија Шакири, но не и премиерот на државата

Заев задоволен од Командант Хоџа: Коментарите на јавноста го погодија Шакири, но не и премиерот на државата

Реакциите и барањата од јавноста стигнаа до ушите на Џезаир Шакири, познат како Команадант Хоџа, но не и до ушите на премиерот Зоран Заев. Командант Хоџа по острите реакции околу неговото поставување како советник во Владата на Зоран Заев и СДСМ, реши да поднесе оставка.

И самиот Зоран Заев денеска во изјава потврди дека оној на кој му пречеле коментарите од јавноста е Шакири.

-Шакири ми кажа дека денеска ќе соопшти дека ќе се повлече од позицијата поради реакциите во јавноста. Тој вели дека и него му пречат реакциите и ќе се повлече затоа што си ја сака државата – изјави Заев од Охрид.

Премиерот Заев во својата изјава, никаде не кажа дека коментарите на голем број граѓани не му пречат на него. Тој пред неколку дена изјави дека Шакири може да му биде од помош доколку се појават одредени екстремистички или радикални групи на територијата каде што живее, каде што го познавал теренот, а можел да помогне и во градењето на концептот „едно општество за сите“.

-Тој е граѓанин на Република Македонија. Во делот на севкупната ресоцијализација или консолидација во нашето општество и во  врска со концептот едно општество за сите, јас не ги делам граѓаните на Македонија. Апсолутно верувам дека секој може да биде ангажиран некаде како соработник, некаде како советник, некаде директно вработен во јавните институции ако може да помогне, изјави Заев.

Шаќири кој според собраниската биографија има само средно образование, на функцијата надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, ќе заработува плата од 36.000 денари или 600 евра. Премиерот оваа одлука за високата плата на Командант Хоџа ја оправда со тоа дека тој имал многудетно семејство кое требало да го издржува.

Изјавата на Заев дека го вработил Шаќири за да зема „плата за лепче за многудетното семејството“, ја демантираше самиот Командант Хоџа, кој денеска во изјава за МИА потврди дека ја напушта функцијата.

-Причината за тоа лежи во фактот дека медиумите во Македонија кренаа преголема врева за ова назначување. Единствениот политичар во Македонија што ми укажал некаква шанса е премиерот Зоран Заев и тој единствено ја има мојата почит. Не сакам заради ова Македонија да трпи на својот пат за ЕУ и НАТО. Ако мислеа дека ми е до тие пари, се лажат. Еве им ги назад, не ми се потребни, изјави Шакири.

Инаку, освен коментарите на јавноста кои очигледно не му сметаат на Заев, исто така не му сметаат ниту коментарите од меѓународните дипломати. Пред само неколку дена реакција за одлуката од „Илинденска“ пристигна и од Американската амбасада во Скопје, од каде посочија дека се загрижени поради именувањето на двајца советници на Заев, Љубе Бошковски како советник за привлекување на странски инвестиции и Џезаир Шаќири – Хоџа за советник за борба против радикализмот, бидејќи и двајцата се наоѓале на црната листа на САД.

На прашање за ставот на Американската амбасада од ТВ21 се наведува дека ја изразиле загриженоста до Владата на Заев и дека со фактот дека овие високи функционери во владата се наоѓаат на црната листа, ова претставува ненадминлива пречка  за работниот однос меѓу владата и амбасадата.

-Ние ја изразуваме нашата загриженост до Владата на РМ бидејќи сметаме дека назначувањето на одредени функционери претставува проблем. На претставниците на американската амбасада во Скопје им се забранува да имаат работна со луѓе што се на листа на контрола на странски имот да одредени државјани како и блокирани лица, се вели во одговорот на амбасадата на САД.

Инаку, покрај коментарите од граѓаните и експертската јавност беше зачудена од одлуката на Заев, како свој советник да го постави Шакири. Во разговор за „Независен весник“ новинарот и политиколог Џенур Исени, иако не верува дека, особено Џезаир Шаќири и Љубе Бошковски се вработени според системот на заслуги, сепак е убеден дека премиерот Заев има добри причини поради кои ги направил овие потези.

-Во контекст на интелектуалниот капацитет на најновите специјални советници во кабинетот на премиерот Заев, тие немаат никаква допирна точка со заслугите и исполнувањето на условите. Можеби едниот има заслуги поради геноцидот над Албанците во 2001 година, и можеби поради ова е награден токму со таа функција. Што се однесува до вториот советник, никој не ги оспорува неговите заслуги во војната во 2001 година додека ги бранеше боите на ОВК, но ги знаеме неговите образовни капацитети. Да не претерам, но ова лице допирна точка со образованието имаше само додека јадеше ‘супа со букви’. Сепак, убеден сум дека премиерот Заев не го вработил без некој интерес што вработениот треба да го исполни. Но, за што точно се работи, многу брзо ќе покаже времето, но во овој случај не се работи за вработување според заслуги, рече Исени.

Со реакција околу поставувањето на Командант Хоџа излезе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој кажа дека лична работа на Заев е желбата да му помогне на шакири, дека двајцата дека делат иста идеологија и исти вредности, но кажа дека тоа што се политички истомисленици и постигнале некаков меѓусебен договор, не му дава на Заев за право да го вработува на висока функција во владата и да го плаќа со пари на граѓаните.

-Но, тука е важна и една друга порака. Се уште немаме одговор на прашањето кој го заробил, и кој го ослободил Танушевци, и зошто доколку било тоа така надлежните органи не реагирале и не ја известиле јавноста. И суштинската дилема останува, доколку некој се дрзне да направи некое незаконско дело, нападне полиција или нешто слично, наместо да биде санкциониран добива место во Владата. Ова е случај каде се рушат вредности, а преседанот станува правило, рече Мицкоски и додаде:

„Предупредувам, дека е исклучително опасно ваков човек да биде поставен на така висока и чувствителна функција. Човекот е на американската црна листа, а сега треба да добива информации кои се државна тајна и да советува околу безбедноста. Го повикувам премиерот Зоран Заев да го раскине договорот за вработување на Џезаир Шакири во Владата и доколку толку многу сака да помогне можеби е добро да го вработи во неговата семејна компанија Тотал инженеринг. Убеден сум дека чесните граѓани на Македонија не би сакале да  финансираат некој што се заканувал и велел дека доколку имал оружје, Македонците ќе ги протера од овие простори“.

Коронавирус