сабота, 23. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Заев велеше дека тој што ќе се огреши пред законот треба да замине од власт: Секојдневно го газат законот, а никој не си дава оставка

Заев велеше дека тој што ќе се огреши пред законот треба да замине од власт: Секојдневно го газат законот, а никој не си дава оставка

„Ако еден се огреши пред законот, макар и на етички начин, треба да замине од власт“, рече Заев во 2018-та година за време на своето гостување во МРТ.

Но, денес премиерот заборави на оваа своја изјава, како и на многу други, бидејќи ако стои на тоа дека кој ќе се огреши пред законот треба да замине од власт, тогаш оставка треба да си даде прво тој, па сите негови соработници функционери.

Имено, дека се огрешиле пред законот, им потврдија директно од Аникорупциската комисија.

Антикорупционерите констатирале неправилост при вработувањето на синот на пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска кој е вработен во ЕЛЕМ.

Според истите извори, синот на пратеничката не ги исполнил условите што биле предвидени со конкурсот за вработување. Неправилности имало и кај дел од вработувањата на другите роднини на функционери.

Виктор Стојчевски, синот на Мира бил вработен на работното место инженер за примена на нови технологии во Сектор за развој и инвестиции во ЕЛЕМ. И покрај сите обвинувања и потврдата од Антикорупциска, тој отказ нема да си поднесе.

Од друга страна, ЕЛЕМ не ја дава систематизацијата која треба да покаже дали компанијата имала објавено наместен оглас со посебни критериуми за вработување на синот на пратеничката на СДСМ.

Како што објави А1ОН, ЕЛЕМ одбива да го достави и годишниот план за вработување на компанијата, каде што е наведено колку работни места е превидено да се отворат во текот на годината, а во кој се гледа и дали е предвидено ново работно место на позицијата на која е вработен Виктор Стојчевски.

-Токму овие документи, треба да дадат одговор дали синот на пратеничката Стојчевска е незаконски вработен во ЕЛЕМ. Извори од Антикорупциска велат дека на синот на пратеничката  му недостигаат пет месеци работно искуство за да ги исполни условите за работното место во ЕЛЕМ, пишува порталот А1ОН.

Ова е само еден од низата скандали поради кој, ако Заев си стои на зборот, требаше многумина од владата да си дадат оставки.

Случаи на непотизам се обелоденуваат секојдневно. Високи функционери на СДСМ си вработуваат голем број роднини, кои високите плати ги земаат од џебот на граѓаните.

Блиските соработници на Заев и членови на нивните семејства уште едно жариште за влечење на пари си најдоа во Фондот за иновации. И од таму стигнаа бројни скандали за кои јавноста веќе добро знае.

Снаата на Цветанка Ласкова зема огромна сума на пари од Фондот, а соработничката на Заев тврдеше дека не е запознаена со ова.

Снаата на советничката на премиерот Цветанка Ласкова не ги исполнува условите да добие грант од Фондот за иновации и технолошки развој. „Транспареси интернешнл – Македонија“ ја доставила до Фондот за иновации процената на ризик кај четирите компании што се изјаснија дека се поврзани со лица на јавни функции, а имаат одобрен грант од Фондот.

„Комапнијата „Декодикс“ на снаата на Ласкова доби оценка дека има среден ризик од своето влијание, но речиси на граница со висок ризик. Тоа би требало да значи дека не ги исполнува условите да го добие грантот, но конечната одлука ќе ја донесе Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за иновации врз основа на процената на ризикот. И другите три компании се во рангот на среден ризик во согласност со протоколот. “Контура“ на Елена Донева, поврзана со поранешниот амбасадор Јован Донев, има нијанса помал ризик од „Декодикс“, но и двете се оценети со висок среден ризик. Со среден ризик, но понизок од овие две, се „Т – сенс“ поврзана со сопругата на актуелниот министер за култура, Асаф Адеми, и „Микросам“, сопственост на поранешниот министер без ресор, Веле Самак. Нивото на ризик кај „Микросам“ се доближува до низок ризик“, изјавија во декември  извори од Фондот за иновации.

Синот на советничката за земјоделство Ленче Николовска, Илин Николовски е вработен во Фондот за иновации. Ова беше уште еден во низата скандали. За да се оправдаат, рекоа дека тој не бил вработен, туку ангажиран како надворешен соработник, но без разлика, пари ќе си добие.

Упатените коментираат дека овој начин на ангажирање на лица со договор на дело во државни институции често се злоупотребува бидејќи неретко се исплаќаат и суми кои се неколкукратно поголеми отколку реалните што би се исплатиле за таков работен ангажман.

Фондот за иновации доделиле пари на 2 фирми кои се со постапка на бришење и затварање во Централниот регистар по член 552 и тоа, вкупната сума што им ја доделиле на фирмите кои се пред бришење изнесува 12.370.344 денари или вкупно 201.143 евра.“

-Фирмата Омега Рисрч“ ДООЕЛ Скопје, каде што се јавува извесна млада девојка која веќе добила грант од Агенцијата за вработување претходно да ја основа фирмата, добива грант за проект за исклучителна иновација во областа на жива и органска козметика за нега на кожа, базирана на иновативна биотехнологија и Фондот за иновации за ова им доделува помош од 11.180.260 денари или 182.000 евра. Интересно е што фирмата нема ниту еден вработен, нема вработени и е во постапка на бришење, а самата фирма треба да инвестира 4.791.540 денари или 78.000 евра. Еве јавно прашуваме, бидејќи јавно прашуваме не им е јасно на никој од граѓаните како е можно фирма пред бришење во постапка на затварање со ниту еден вработен да добие грант од 182.000 евра и да инвестира самата фирма плус уште 78.000 евра? Втората фирма која е во постапка на затварање и бришење е фирмата „Мобидониа“ ДООЕЛ од Неготино која што треба да биде креатор на админ панели, добива грант од фондот во висина од 1.190.084 денари или 20.000 евра, а самата фирма треба да инвестира 520.000 денари. Како е можно фирма која е пред бришење и затварање да добие грант од 20.000 евра и да инвестира самата уште 8.500 евра, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски минатата година.

Пред само неколку дена, скандалите поврзани со суми од Фондот за иновации, продолжија.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев на собраниска комисија за труд и социјална политика и порача на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска дека е министер во Република Македонија, а не во Шведска, нагласувајќи дека доколку навистина се грижи за лицата со попреченост треба од Фондот за иновации од оние 300.000 евра кои што ги дале на своите пријатели да ги дадат на Собранието се со цел да се адаптира токму салата каде што моментално се одвива дискусијата за предлог законот.

-Некогаш се добива претстава дека можеби сте министер во Шведска. Јас не мислам дека сте министер во Шведска, мислам дека сте министер во Македонија и би ве замолил доколку сакате ова Собрание да биде по пристапно за лицата со попреченост, би ве замолил од Фондот за иновации, од тие 300.000 евра кои што ги дадовте на своите пријатели да овозможите адаптација на оваа сала и да можеме тие средства подобро да ги употребиме, затоа што мислам дека апсолутно не е во ред тоа што го правите, вели Ѓорчев.

Владата побарала од сите органи кои извршуваат јавни набавки да донесат нови годишни планови со нови финансиски прагови, согласно измените во Законот за јавни набавки, операција која треба да ја изведат во ек на кампања, изјави на прес конференција Дејан Митески, Претседател на ОК Аеродром на ВМРО-ДПМНЕ.

Митески презентираше циркуларен е – маил кој бил пратен до сите буџетски корисници, кои работат со јавни набавки, а според него од истиот се гледа дека власта бара од раководителите на овие институции да влезат во криминал, за сметка на креирање ситуација за изборна корупција и поткуп.

-Измените во Законот за јавни набавки се донесени скоро пред месец дена и власта имаше доволно време да го направи потребното за институциите да бидат спремни да го извршуваат новиот закон, кој стапува на сила од 1 април. Зошто се чекаше последниот рок, потенцираше Митески.

Митески запраша дали со новиот закон се планираат нови тендери за Заеви и Анѓушев, дали со истиот се спремаат тендери за фирми финансиери на власта?

-ВМРО-ДПМНЕ ја повикува Државната комисија за спречување на корупција да постапи согласно чл.33 од Законот за спречување на корупција и да ја испита оваа можна злоупотреба на буџетски средства. Исто така го повикува и дипломатскиот кор во земјава и сите меѓународни организации да апелираат на почитување на законите од страна на власта со цел гарантирање на фер избори. Нема да дозволиме власта со парите на граѓаните да отвора простор за можен изборен поткуп, подвлече Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако на сето ова ги додадеме незаконските тендери, привилегиите на компаниите блиски до Заеви, сите вработувања, проекти, црпење на пари…. Тогаш да се навратиме на изјавата на Заев со која го започнавме овој текст. Многумина од врвот на власта и функционери на СДСМ се огрешија пред законот. Ќе си даде ли некој оставка?

 

Најнови вести

Коронавирус