петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 117
home Вести

Заев стана нобеловец колку што арачиновци станаа пилоти

Заев стана нобеловец колку што арачиновци станаа пилоти

На почетоков на годината три групи на социјалдемократски партии од Европскиот парламент ги номинираа грчкиот премиер Алексис Ципрас и македонскиот, Зоран Заев, за Нобелова награда за мир. Ципрас загуби на изборите и повеќе не е претседател на владата во Грција додека рејтингот на Зоран Заев е во слободен пад и според анкетите многу бргу може да се случи да му се придружи на Ципрас.

Франција се погласно ја испраќа пораката дека договорот од Преспа не е единствениот услов за добивање на датум за преговори, па логично се наметнува прашањето дали амбицијата да се остане што подолго на власт не е единствената причина Заев да тргува со националните интереси и да прави нерационални отстапки.
Дали Заев мислеше дека навистина ќе ја добие Нобеловата награда за мир за склучениот преспански договор? Ова прашање веројатно ќе лебди , како што ќе лебди и прашањето дали 300 арачиновци навистина поверувале дека ќе станат пилоти.

Иако номинацијата за Заев беше помпезно најавувана во медиумите од Балканот и Европа, почест на миротворец доби Аби Ахмед премиерот на Етиопија и навистина заслужено признание за ставање на крајот на 20-та војна меѓу Етиопија и Еритреја што е за наградување.

Прашањето е дали навистина некој сметаше дека со номинацијата за нобелова за мир за Заев, истата би ја добил откако го потпиша капитулантскиот договор од Преспа со кој Македонија ја стави во подредена положба во регионот и на никаков начин не го зацврсти македонскиот идентитет. Заев се осуди да се спореди со миротворец иако изрично не ја испочитува волјата на граѓаните на референдумското изјаснување против промена на името.

Премиерот Зоран Заев денеска му упати честитки на премиерот Ахмед и истакна дека тој со своето дело бил инспирација за сите.

Нобеловиот комитет, Договорот од Преспа не го процени како врвен миротворен чин , исто како што и Франција на тој договор не гледа како услов за отпочнување на преговори за членство во ЕУ.

“Повеќе среќа следниот пат” е нешто што од куртоазија му се посакува на оној што загубил, но во случајов повеќе среќа и треба на Македонија и граѓаните кои живеат тука. Страшно е воопшто и да се помисли каков договор треба да склучи за повторно да биде номиниран и која би била цената. Затоа можеби е подобро да се упати апел да му биде доделена нобелова награда во некој друга област каде што сеуште не е избран лауреатот, па макар било тоа хемија или физика.

Коронавирус