недела, 5. декември 2021. Вести денес: 93
home Вести

Заев: СДСМ греши, но учи и се поправа 

Заев: СДСМ греши, но учи и се поправа 

Трудот е наш, заеднички, на сите, но денес е јасно дека промените не се доволни, дека тие треба да се случуваат многу побрзо и поквалитетно и дека нашата борба не е завршена, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев во писмото упатено до членовите на партијата по повод резултатите од првиот круг од локалните избори.

-Граѓаните во првиот круг на овие избори ни пратија јасна порака и ние таа порака мораме да ја слушнеме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно, пишува Заев.

Според него, граѓаните ја бараат нашата мобилизација и нашата борба за нов циклус промени.

-Граѓаните сакаат земјата и општините да ни одат напред и ние мораме да го дадеме максимумот за тоа да се случи. Во спротивно, режимот тропа на вратите. И веќе успеа да влезе во некои од општините. Ние имаме демократска обврска да се бориме, да испорачаме промена и подобрување во начинот на наше управување и да застанеме на патот на заканите и опасностите кои ги носи ВМРО-ДПМНЕ. Влегуваме во вториот круг и во борба за секој глас, за секој град, за секоја општина. Нема важни и неважни. Сите се важни. Ако сакаме да ја добиеме оваа борба, мораме да разбереме дека секој човек е важен, секој глас е важен. Секој глас мора да биде слушнат, испочитуван, уважен. Тоа е промената која ја бараат граѓаните од нас, наведува Заев.

Затоа, посочува тој, мораме да ја зголемиме нашата достапност, отвореност и експедитивност во решавањето на проблемите на секоја индивидуа, на секоја група граѓани. Ние, додава Заев, не сме и никогаш нема да бидеме недостижни и недостапни, тоа нам не ни прилега, туку, напротив ние сме и мораме да останеме скромни и приземјени, и само така ќе го одржиме правецот на кој заедно ја поставивме нашата земја.

– Затоа, ве повикувам на обединување! Сега е време за обединување затоа што од другата страна се истите насилници и криминалци кои ја уништуваа нашата земја со години. СДСМ греши, но учи и се поправа. ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси. И тука има голема разлика. Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме. Тоа го имаме и докажано, и покажано преку бројни примери кога критиките и пораките од граѓаните сме ги прифаќале и сериозно сме ги ревидирале и подобрувале нашите чекори и политики. Велат дека за да победи злото доволно е добрите луѓе да не направат ништо. Овој пат, ние нема да набљудуваме и да не правиме ништо додека злото се заканува. Ќе дејствуваме! Затоа, од секоја општинска организација барам акција, повикува Заев.

Исклучително важно и неопходно е, како што додава лидерот на СДСМ, секој Општински изборен штаб да биде во постојана консултација со Централниот изборен штаб и да ги следи насоките, од една страна, но и да биде отворен за предлозите, ставовите и пораките кои доаѓаат од членството, од поддржувачите и од граѓаните, од друга страна.

-Потребна е брза анализа и враќање на теренот веднаш. Потребни се брзи промени и акции кои ќе придонесат кон борба, уважување на гласот на граѓаните, обединување и со тоа победа на СДСМ во вториот изборен круг. Тоа и тоа како е можно и е на дофат. Од нас зависи. Потребно е да се обратиме и да подадеме рака на секој еден човек, секој еден глас којшто можеби сме го пропуштиле во првиот изборен круг. СДСМ го слушна гласот на граѓаните и ќе направи сè да го обедини прогресот. Напред другари. Борбата продолжува!, вели лидерот на партијата во писмото потпишано со „Ваш, Зоран Заев“. (МИА)

Коронавирус