Закажано рочиште за 26 февруари за случајот „Поткуп“, во кој премиерот Зоран Заев е обвинет за злоупотреба на службената должност градоначалник на Струмица и барање поткуп од околу 160.000 евра од струмички бизнисмен за легализација на државно градежно земјиште, повторно беше одложено.
По барање на одбраната, судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет Заев е одложено за 6 март.
На социјалните мрежи веќе се поставува прашањето- која ќе биде следната причина поради која ќе се одложи процесот, кој веќе влегува во својата втора година без ниту едно одржано рочиште.
Инаку, Заев уште минатата година во декември знаел дека нема да има судење на 26 февруари годинава, бидејќи треба да оди на Самит на Западен Балкан во Лондон, а тоа може да се забележи од следниов линк.
Но, ниту неговата одбрана, ниту Заев не реагирале на закажаното рочиште, а ова говори дека Судот, Обвинителството, одбраната и Заев се во полна корелација и го дежавуираат судството и правдата.
Ова претставува продолжување на изговорите за неодржување на рочиштето.
Предпоследниот пат, процесот беше одложен на барање на јавен обвинител, кој наводно го известил новиот судија во случајот, Дарко Тодоровски дека не може да присуствува на денешното рочиште, кое е презакажано за 26 февруари.
Целата сага со судењето на Заев почна на 25-ти јануари минатата година, но рочиштето никако да се одржи. Првите два пати, судењето беше одложувано поради тоа што Заев бил на службен пат. Уште две рочишта потоа беа одложувани поради неприсуство на неговите адвокати.
Потоа, судењето беше одложено затоа што Заев тврдеше дека бил на средба со италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео, што беше експресно демантирано од амбасадорот, кој преку својот Твитер налог објави дека дента немал средба со никого и дека секоја различна информација е целосно неточна.
Во септември, пак, рочиштето беше одложено поради боледување на судијката Дијана Груевска-Илиевска.
Последниот пат, процесот беше одложен, бидејќи предметот не беше пристигнат од Апелацискиот суд, кој требаше да одлучи по жалбата на одбраната на Заев, која бара видеоснимките од посебните истражни мерки да не бидат користени како доказ во судската постапка за случајот „Поткуп“, затоа што делови од неа беа јавно објавени на видео-сервисот „Јутјуб“.
Инаку, Заев во случајот „Поткуп“ е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, во врска со легализација на земјиште. Додека случајот беше во фаза на истрага, во јавноста се појави снимка од кабинетот на градоначалникот каде Заев зборува за наводниот поткуп.