среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 49
home Вести

Заев: Подготвени сме за географска одредница за името!

Да му дадеме шанса на успехот, но притоа ќе кажам: ние сме подготвени за географска одредница и до тука ќе застанам затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање на решение, изјави Заев.
Заев: Подготвени сме за географска одредница за името!

Подготвени сме за географска одредница, изјави вечерва на прес-конференција македонскиот премиер Зоран Заев посочувајќи дека прашање за спорот за името што Македонија го има со Грција е суштествено и оти треба да се даде шанса низ преговорите да се изнајде решение.

– Сакам нашите граѓани да знаат и граѓаните од соседна Грција да знаат, но сакам навистина да успееме во преговарачкиот процес, и затоа е секогаш тука дозата на внимателност. Да му дадеме шанса на успехот, но притоа ќе кажам: ние сме подготвени за географска одредница и до тука ќе застанам затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање на решение, изјави Заев на заедничката прес – конференција со евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Истовремено, додаде тој, „заедно, секоја можна идеја, која што ќе доведе до решението, дали е драфт верзија на меѓународен договор што ќе го официјализира она што е поприлично решено, според мене, симболите МК, МКД и слично, а другото би било основа да се продолжи процесот на ОН преку господинот Метју Нимиц, користејќи ги сите билатерални средби, меѓу мене и премиерот Алексис Ципрас, помеѓу министерот Димитров и министерот Коѕијас“.

– Се што може да помогне кон изнаоѓање на решение треба да го искористиме. Ние јавно ги коментираме сите настани и јавно сме позиционирани. Дискутираме и внатрешно помеѓу институциите и политичките партии, а истовремено сме фокусирани на суштествени чекори кои ќе доведат конечно до решавање на овој чуствителен проблем во интерес на двете земји во преговарачкиот процес, рече Заев на прес-конференцијата. (МИА)

Локални избори 2021