сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 11
home Вести

Заев: Победници на изборите сме сите

Заев: Победници на изборите сме сите

Мојата порака е борба, посебно до прогресивните сили, чуварите на иднината, интеграциската иднина на нашата земја и чуварите на вредностите на едно општество за сите, да излезат на изборите и да гласаат онака како што мислат дека е најдобро за нив, за нивните општини и за нашата татковина, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ќе поднесе оставка доколку кандидатот на коалицијата на СДСМ загуби в недела на изборите за градоначалник на Скопје.

– Потврдувам дека сум борец човек и апелирам на борба. Го исправив нашиот народ со сите детални информации што треба да ги знае, кои се опциите при изборот. Тука сум, сум се борел, се борам и ќе се борам, но ми треба поддршка од народот заради тоа што локалните самоуправи, Градот Скопје, се многу важни во секојдневниот живот на граѓаните и во секојдневието на државата, посебно со засилените ингеренции што ќе ги добијат со третата фаза на децентрализација, изјави Заев на заедничка прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими, на која го презентираа усвоениот План за забрзан економски раст 2022-2026 година.

Прашан доколку се случи сценариото тој да се повлече, дали има идеја кој од партијата би можел да биде негов наследник, Заев уште еднаш повика народот да излезе на избори и да се избори за прогресивна иднина.

На новинарското прашање во врска со обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со Вибер групи на вработени во полицијата, Заев истакна дека како претседател на Владата, го потврдува тоа што го потврди и Министерството. односно дека нема никакви докази за систем организиран преку МВР. Даден е налог, информира тој, луѓе вработени во МВР, доколку создавале такви групи, внатрешна контрола и сите релевантни служби да го обелоденат тоа комплетно заради тоа што секој може да создаде своја приватна група.

– МВР-ВМРО заврши времето. Ниту некој размислува во тој правец, ниту има потреба од такви работи. Имаме исклучително фер, слободни и демократски избори. Видовме дека не се точни обвинувањата оти се носат црни вреќи во Битола, кога се отвораат црните вреќи гледате количка за детенце, додаде премиерот Заев.

Тој порача дека таквите обвинувањата нема да поминат, затоа што, како што истакна, нема потреба ниту кој било политички субјект, поголем или помал, да размислува во таков правец.

– Победници на изборите сме сите, доколку имаме фер, слободни и демократски избори, додаде Заев.

Тој апелираше да се води заедничка грижа во вториот круг од Локалните избори и во текот на кампањата, денот на молкот и секако на денот на изборите. Според него, најголема одговорност е на владејачките партии од коалицијата, кои ги повика будно да следат и да бидат одговорни за да иаме фер, слободен и демократски изборен процес. (МИА)

Коронавирус