недела, 27. септември 2020. Вести денес: 23
home Вести

Заев наместо вистински проекти, дели картички и создава лажна слика дека помага

Заев наместо вистински проекти, дели картички и создава лажна слика дека помага

Реална помош или популистичка мерка ќе биде новата платежна картичка која ја најави премиерот Зоран Заев, а која треба да се додели на пензионерите со пензии до 15.000, пасивните баратели на работа, како и на самохраните родители?

Според економистите во услови на безидејност Заев повторно манипулира со граѓаните и со нивните пари се обидува да создаде лажна слика дека помага.

Кризата е тука веќе неколку месеци, а според најавите ќе трае уште најмалку 8 месеци. Досега, овие три категории на граѓани кои се со релативно ниски примања веќе се натрупани со долгови и едвај преживуваат и требаше да бидат меѓу првите кои ќе им се помогне, а не да бидат оставени за подоцна.

Сепак дали реално ќе им помогнат 3, 6 или 9000 денари кога тие се во криза повеќе од 5 месеци, а уште најмалку 8 такви месеци се во најава? Одговорот е дека оваа мерка единствено ќе му помогне на Заев во неговите популистички намери да се прикаже како спасител, но не и на граѓаните. Тие пари кои би ги добиле со картичката нема да им покријат ниту минимум од долговите, а нема да им бидат од помош ниту следниот месец кога граѓаните повторно ќе имаат ниски примања или воопшто ќе ги немаат, но и картичката ќе ја нема.

Затоа во вакви услови потребни се проекти кои навистина ќе им бидат од помош на граѓаните, со кои ќе имаат дополнителен приход и некакво олеснување секој месец, за да можат да преживеат и самите а и да го издржат своето семејство во месеците кои следат.

Сепак, очигледно е дека ниту се има идеја, ниту се има желба од страна на власта за таков вид на проекти. Власта во случајов одлучи да го направи тоа што и е најлесно, ќе подели одреден број на картички со еднократна парична помош, тоа ќе помине бомбастично во медиумите како да е најголемата мерка некогаш спроведена, а во реалноста граѓаните ќе останат сиромашни.

Уште еден проблем е според кои критериуми ќе се дели таа картичка и кој се ќе ја добие. Знаејќи како тоа се правеше во предизборието кога преку картичките се вршеше поткуп и селективно се делеа таму каде што Заев очекуваше изборни гласови, тогаш нема да не чуди ако сега приоритет имаат симпатизерите и членовите на власта.

На крајот се се врти околу тоа Заев да се прикаже како спасител, додека во суштина не постои никаква реална помош за македонските граѓани. Таканаречната помош за брзо ја снемува, а проблемите на граѓаните остануваат.

Коронавирус