понеделник, 13. јули 2020. Вести денес: 127
home Вести

Заев најави: Возилата кои предизвикуваат бучава и го нарушуваат јавниот ред и мир ќе бидат времено одземени

Заев најави: Возилата кои предизвикуваат бучава и го нарушуваат јавниот ред и мир ќе бидат времено одземени

На денешната седница, Владата усвои предлози и измени на серија закони од надлежност на Министерството за внатрешни работи, заради усогласувањето со претходно донесениот Законот за прекршоци.

-Со измените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, времено ќе бидат одземени возила кои предизвикуваат голема бучава и го нарушуваат јавниот ред и мир, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук.

Во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се предвидени намалувања на казните и тие ќе изнесуваат од 15 до 250 евра како највисока граница, освен за животозагрижувачки прекршоци кои остануваат исти, и се укинува мандатниот платен налог, односно сите платни налози ќе бидат прекршочни.

Освен казнените одредби, се уредува и учеството на електричните тротинети во сообраќајот со цел да бидат заштитени оние кои управуваат со нив, но да бидат заштитени и граѓаните со одредби кои значат определување на место на движење на тротинетите, возрасната граница за управување со овој тип на возила, како и обврската за користењето на заштитни средства.

Од другите измени се издвојуваат продолжувањето на рокот на важење на возачката дозвола за повозрасните возачи од 70 на 75 години, како и мерката времено одземање на возило кое предизвикува голема бучава и го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, како и возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци.