Премиерот Зоран Заев пред десетина дена одговарајќи на новинарско прашање најави дека екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ќе биде прогласен за виновен во процесите кои ги води СЈО против него.
Во својата изјава Заев вели дека граѓаните ќе се уверат дека тој немал договор со Груевски за негова неказнивост. Во исто време премиерот е сигурен и во ставот дека „ќе се случи правдата“.
-Не може да постои неказнивост за никого, да не постојат казни и санкции за секој оној што се огрешил во однос на законот. Ова е мојот одговор на оние што велат дека сум се договорил со Груевски за неговата неказнивост. Отворете ги ушите и наслушувајте: ќе се случи правдата, нема да има ниту еден компромис, мора да има одговорност, па нека е и од свети СДСМ, изјави Заев пред десетина дена.
За потсетување, пред околу еден месец порталот „Сведок“ на новинарот Саше Димовски пишуваше дека една од опциите за ослободување на Заев е преквалификација на делото со што ќе се отфрлат ПИ мерките и тој ќе биде прогласен за невин, што вчера и се случи.
Изјавата на Заев и неговата сигурност отвора сериозен сомнеж за договор меѓу Заев и судијката Добрила Кацарска, за Груевски да биде прогласен за виновен и покрај тоа што се докажа дека нема вина. За ваквиот договор пишуваше и „Сведок“, според кој услов за Кацарска да стане претседател на скопска Апелација е да има пресуда за Груевски. Независно дали судијката ќе одреди ефективна или условна казна, важно за Заев е Груевски да биде прогласен за виновен.
За истото говореше и самиот Груевски во изјава по едно од судските рочишта.
-Заев направил одреден договор со главниот судија на процесот, госпоѓата Добрила Кацарска, дека тој нејзе ќе им овозможи таа да напредува во судија на Апелациониот суд и потоа и претседател на тој суд, а за возврат тој ќе добие да биде прогласен за невин во случајот „Поткуп“, каде има докази обезбедени од ПИ мерки. А за овој случај јас да бидам прогласен за виновен, изјави Груевски по рочиште за случајот „Тенк“.
Очигледно со прогласувањето на Заев за невин за барање поткуп, а Груевски за виновен за „Тенк“ дојдоа реформите во судството. Не случајно Врховниот суд во Грција, земја членка на ЕУ минатата недела при носењето на пресудата за Бошковски и Грујовски оцени дека во Македонија нема услови за фер судење.