четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 155
home Вести

Заев – Мекилвам: Британска поддршка за интеграциите на Македонија

Заев – Мекилвам: Британска поддршка за интеграциите на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со раководителката за Западен Балкан во британското МНР, Фиона Мекилвам, придружувана од координаторот на одделот за Западен Балкан за самитот што ќе се одржи во јули во Лондон, Ендру Пејџ и британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

На средбата, соопшти владината служба за информирање, се потенцирани лидерските политики како важен фокус кон иднината како на сегашните така и на идните генерации во Република Македонија. Во таа насока, британските претставници изразиле поддршка на политиките на премиерот Заев и на Владата, базирани на реформи и градење пријателства како демократски вредности важни за интеграцијата на нашата држава. Исто така, посочено е дека Договорот со Република Бугарија е добар пример како земјите од регионот можат да ги решат билатералните прашања, ако има политичка волја за тоа.

– Нашите стратешки цели се НАТО и ЕУ интеграциите, затоа што ние веруваме дека вредностите што ги носат реформите отвораат перспективи на државата и квалитетен живот за граѓаните. Определени сме да градиме пријателства со сите држави од соседството, а прашањето што стои на патот на интеграциите на Македонија не е нерешливо, ако се има креативност, а има политичка волја за решение од двете страни, рекол премиерот Заев.

Тој изразил очекување дека интегративните политики на новата Влада ќе отворат пат и за исчекори на Република Македонија кон НАТО и ЕУ. Премиерот Заев се заблагодарил на големата поддршка од Велика Британија во демократизацијата на Република Македонија и во развојот на институционалните капацитети во државава.

Мекилвам, Пејџ и амбасадорот Гарет посочиле дека Република Македонија демонстрира демократска зрелост и дека создадениот позитивен моментум ќе биде употребен за развој на државата на меѓународен и на домашен план.

На средбата се разговарало и за самитот што треба да се одржи во првата половина од јули во Лондон. Има согласност дека дигитализацијата, економијата, отворањето нови работни места, нова енергија во инвестициските стратегии, стабилноста и безбедноста се теми од директна важност за граѓаните на државите од Западен Балкан кон чија поддршка е насочена Велика Британија.

МИА

Коронавирус