петок, 16. април 2021. Вести денес: 103
home Вести

Заев ја обвини опозицијата: Инвестиции нема бидејќи бараат предвремени избори

Заев ја обвини опозицијата: Инвестиции нема бидејќи бараат предвремени избори

Откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, побара предвремено одржување парламентарни избори, премиерот и претседател на владејачката СДСМ Зоран Заев, реагираше дека конечно треба да се престане со барањата за предвремени избори бидејќи, како што рече, тие ги стопираат производствените капацитети и севкупната македонска економија.

Заев вчера, одговарајќи на новинарско прашање околу барањата на Мицкоски, порача дека државата, има јасен правец по кој се движи, односно, како што рече, европеизацијата продолжува.

– Сите тешки одлуки што се донесоа во минатото беа заради економскиот стандард на народот, заради отворање нови работни места, да ги мотивираме ваквите инвеститори да инвестираат во нови инвестиции, да отвораат работни места, да го зголемуваат својот извоз, бруто домашниот продукт на државата, а со тоа и благосостојбата на целиот народ, рече премиерот.

Секое предвремено истрчување на избори, според него, ги кочи таквите процеси.

Мицкоски деновиве повторно го актуелизира прашањето за предвремени парламентарни избори.

– Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во корупција и е на 111-то место. Според сите останати други скали на мерења, по број на странски инвеститори, по пад на економија, ние уназадуваме или сме на дното во регионот, изјави Мицкоски.

Според него, оваа Влада јасно покажала дека не знае како, нема вештини и нема план како да ја води државата.

-Поскоро треба да има предвремени парламентарни избори, ново, стабилно владино мнозинство кое со многу работа, бидејќи нема веднаш да дојдат придобивките преку ноќ. Треба многу работа, многу откажување, чесни луѓе и чесни политичари кои не се огрешени и зглавени во криминал за да можеме Македонија да ја извадеме на прав пат, рече Мицкоски.

Тој додаде дека се можни предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

Коронавирус