петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 13
home Вести

„Заев игра all in со сите нас, како што беше тоа со националните интереси и со парите на граѓаните затоа што сака единствено да ја продолжи сопствената политичка кариера“

„Заев игра all in со сите нас, како што беше тоа со националните интереси и со парите на граѓаните затоа што сака единствено да ја продолжи сопствената политичка кариера“

Во интервју за весникот „Вечер“ Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски даде осврт и на аферата „Рекет“ и како таа влијаела на недобивањето датум за преговори со Европската Унија.

Колку, според Вас, „Рекет“ влијаеше и ги уништи и најмалите шанси за добивање на датум за преговори?

-Кога ќе слушнете порака од Брисел дека Македонија испорачала резултати, испорачала тоа каде што учествуваше и опозицијата и тоа во неколку процеси. Иако се испраќаа лажни вести дека опозицијата ќе ги бојкотира претседателските избори, ние викавме дека напротив, ние ќе ве победиме. За жал, се случи тој изборен инженеринг и други објективни ограничувања кои ги имавме како опозиција. Најдобриот кандидат кој некогаш се појавил како кандидат за претседател на државата да биде поразен од потпросечен кандидат. Потоа се случи процес на конструктивна работа во рамките на Собранието, каде што ние учествувавме како опозиција и ги поддржавме реформските закони. И покрај сите напади од нашето членство дека сме пасивни, во екот на најголемите криминални и корупциски афери му дадовме шанса на целиот процес, си велиме октомври ќе дојде, можеби датум за преговори ќе го врати оптимизмот кај граѓаните, но фактите се поразителни и ние не добивме датум. Тоа не е затоа што опозицијата не испорача, тоа е поради тоа што Владата не испорача, но секој оној што не ги гледаше знаците покрај патот, го изгуби патот. Не се на прав пат, како што велат, туку на многу погрешен пат. А знаците беа многу јасни – нула толеранција за корупцијата, нула толеранција за криминалот, доста е од политички уцени, злоупотреби на законите и на Уставот, но тоа некој не успеа да го види и не успеа да го испорача.

Аферата „Рекет“ е најголемата корупциска афера и според сведочењата на луѓе кои биле околу таа група луѓе кои денеска се осомничени, знаат дека не се тие кои го напишале сценариото и го операционализирале. Не може овие тројца луѓе – притвореничката Катица Јанева, Бојан Јовановски, и Зоран Милевски тоа да го направат без согласност на некој многу моќен политички човек. Имаме директно и индиректно учество на висока политичката елита во аферата „Рекет“, но верувајте не е само „Рекет 1“, има и „Рекет 2“ , „Рекет 3“. Не се знае колку продолженија ќе има оваа афера.

Сега Зоран Заев практично игра all in со сите нас, како што беше тоа со националните интереси и со парите на граѓаните затоа што сака единствено да ја продолжи сопствената политичка кариера, затоа што мисли дека се во животот се купува со пари и дека на тој начин ќе може да тргува со поддршката на граѓаните. Тој истовремено е и исплашен човек затоа што знае дека по поразот на 12 април следува одговорност, и нема да може да се соочи со вистината со целокупниот срам и со сите лаги. Ви ветувам дека ќе има одговорност за секој оној што се огрешил пред законите и оваа игра all in повторно ќе ја изгуби, но, за жал, ќе изгуби и дел од македонското општество и граѓаните.