среда, 24. февруари 2021. Вести денес: 153
home Вести

Заев и Филипче со лагите дека Бугарија, Грција и ЕУ ќе дадат вакцини загрозија илјадници граѓани

Заев и Филипче со лагите дека Бугарија, Грција и ЕУ ќе дадат вакцини загрозија илјадници граѓани

Македонија извиси од соседите за набавката на вакциини против корона вирусот, а за тоа официјална потврда стигна и од министерот за здравство, Венко Филипче. Кога Македонија ќе почне со вакцинација и колку вакцини ќе добие, никој не знае.

Не знаат дури ни властите и можеби сме единствената држава во Европа која не може да каже колку вакцини ќе добие и кога ќе ги заштити сопствените граѓани.

Ветувањата дека Бугарија, Грција па и ЕУ ќе ни дадат вакцини пропаднаа како што претходно пропаднаа ветувањата дека вакцини ќе набавиме и преку Полска.

Вчера министерот Филипче изјави дека Бугарија и Грција засега не одвоиле вакцини за нас од своите набавки, иако претходно и тој и премиерот Заев ги кренаа очекувањата дека двете земји ќе ни помогнат.

Филипче дури и отиде до Софија да потпише договор, цела недела тоа беше тема број еден, со спектакуларни медиумски извештаи. Тогаш беше кажано дека Македонија ќе добие вакцини заедно со Европската Унија.

– Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стигнуваат и земјите членки на Европската Унија. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 проценти од населението, изјави министерот Филипче на 22 декември од Софија.

Премиерот Заев пак, му заблагодари на бугарскиот премиер, Борисов велејќи дека ова е исклучителен чин на пријателство кон македонскиот народ и кон сите граѓани на Македонија. Но тоа не беше прво ветување дека ќе се вакцинираме заедно со ЕУ. Претходно Заев за „ТВ 21“ изјави дека Грција, но и ЕУ ќе ни дадат вакцини.

– Грција веќе нарача за нив, направи нарачка и за нас. Пред неколку дена зборував со претседателката на Европската комисија, таа нареди кога ќе се нарачува за нив, да се нарача и за земјите од Западен Балкан, односно за земјите кандидати за ЕУ. Ние нормално сме благодарни на тоа, рече Заев на 17 ноември за „Клик Плус“ на „ТВ 21“.
Сепак, еве гледаме дека овие ветувања не се остварија. ЕУ подели вакцини за своите земји-членки уште на крајот на декември и тие започнаа со вакцинација, но таму немаше вакцини за земјите од Западен Балкан, како што досега нема вакцини за нас ниту од Бугарија и Грција.

Претходно дознавме дека уште во септември, од страна на владата ја одбиле руската вакцина „Спутник Ви“, која како карма ни се враќа и сега КОВАКС системот ни ја додели, иако не се знае кога ќе ја добиеме, а можевме досега да се вакцинираме. Воедно не преговараа ниту со другите производители односно задоцнија да преговараат, па така кога веќе другите земји почнаа да добиваат пратки со вакцини, владата тогаш реши да преговара. Сега ние чекаме и можеби ќе бидеме последните во Европа кои ќе се вакцинираат.

Во меѓувреме со вакцинација започнаа и Србија, но и Албанија иако и двете не се членки на ЕУ, воедно и Косово се пофали дека набавиле 2 милиони вакцини. Разликата помеѓу нас и нив е тоа што нивните влади се грижат за здравјето на сопствените граѓани и решиле „и под дрво и под камен“ да бараат вакцини и успеале навреме да набават. Затоа додека тие ќе вакцинираат милиони, ние ќе чекаме и ќе немаме вакцинирано ниту еден.

Со тоа се загрозени многу човечки животи кои нема дотогаш да бидат имунизирани. Воедно се повеќе е загрозена економијата, затоа што кога сите ќе се отвораат, ние ќе останеме затворени. Ова е премногу голема работа и голема грешка од страна на владата која мора да ја понесе одговорноста за својот несериозен пристап кон вакцинацијата на македонските граѓани.

Коронавирус