вторник, 21. август 2018. Вести денес: 115
home Вести

Заев и Ципрас издвоиле една опција како можно решение на спорот за името

Заев и Ципрас издвоиле една опција како можно решение на спорот за името

Премиерите на Македонија и Грција на денешната средба на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија разгледале можни опции за креативни решенија за спорот со името, при што една од нив била најприфатлива, јави известувачот на МИА од главниот град на Бугарија.

– Заедно со премиерот Ципрас разгледавме можни опции за креативни решенија, кои македонската страна ги презентираше во последната фаза од преговорите. Следуваат консултации во двете земји, со релевантните политички фактори, информира Заев на прес-конференцијата во Софија.

Премиерот нагласи оти со Ципрас суштествено разговарале за неколку опции, при што утврдиле една опција, која може да биде прифатлива за двете страни. Продолжуваат консултации на домашен терен во двете земји. Заев нагласи дека доколку е можно практично спроведување на тоа решение, тогаш всушност имаме решение. Премиерот не прецизираше за какво решение станува збор, ниту директно одговори дали на средбата станало збор за промена на македонскиот Устав.

Нагласи дека во процесот не се само тој и Ципрас и оти мора да се разговара со претседателите на двете држави, со шефовите на опозицијата.

– Од денес пријателството меѓу Република Македонија и Република Грција е уште посилно. Решаваме спор за да го засилиме, зајакнеме достоинството и идентитетот на граѓаните во двете земји.

На прашањето дали е можно решението за спорот да биде одложено за на есен Заев рече дека се е можно.

Нагласи дека двете страни бараат прифатливо решение.

– Знаете дека во јуни има Самит на ЕУ, во јули Самит на НАТО и Македонија посакува дотогаш да биде најдено решение, но ако не се најде продолжуваме да бараме, нагласи премиерот.

Тој истакна дека по пауза од 15 години од првиот Самит во овој формат, одржан во Солун, денеска во организација и со сериозен ангажман на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, регионот Западен Балкан и Република Македонија повторно имаат место на европската сцена.

– Денешното заедништво на сите лидери од ЕУ и сите лидери од Западен Балкан укажува дека уште посилно се поврзуваме и дека вратите на ЕУ се отворени за нас, рече Заев.

Го поздрави апелот на ЕУ до регионот „да покажеме дека членството во Унијата е генерациски избор и стратешка ориентација“. Истовремено, додаде тој, регионот очекува ист однос и од земјите членки на ЕУ кон нас.

– На домашен план заробената држава и 25-годишниот спор околу името беа најтешките прашања кои во целиот овој период ја влечеа Македонија надолу. Денес, се соочуваме со нив и успеваме. Денес Македонија и граѓаните одат напред. Заедно зацртавме дека 2018-та ќе биде година на силни реформи и дека Македонија ја носиме во ЕУ, а со тоа Европа ја носиме во Македонија, истакна премиерот на маргините на Самитот.

На овие теми разговарал и со претседателот на Франција Емануел Макрон. и со канцеларката на Германија, Ангела Меркел.

– Тие го препознаваат лидерството кое го демонстрира Македонија и даваат поддршка за да се јакнат врските меѓу нас и ЕУ, рече Заев.

Макрон и Меркел, но и премиерот на Холандија Марк Руте, премиерот на Австрија Себастијан Курц, премиерите на Шведска и Естонија Стефан Лофвен и Јури Ратас, со кои исто така имаше билатерални средби ја даваат безрезервно својата поддршка и признание за постигнатото, како и охрабрување земјата да опстоиме на европската агенда.

– Нивните пораки се потврда за нашите перспективи. Тоа значи дека членството на Македонија во ЕУ гарантира силни институции и правна држава. Членството во европското семејство за Македонија значи и забрзан економски развој, зголемена мобилност, поврзување и еднакви шанси за младите од Македонија со нивните европски врсници, истакна Заев.

Според него денешниот Самит покажал дека проширувањето на ЕУ, односно обезбедувањето „на нашето столче во Брисел е реалност која ни е на дофат ако продолжиме со исполнување на европските стандарди и доколку ги јакнеме врските на Македонија и Западен Балкан, со Унијата“

Македонскиот премиер по прес-конфренцијата се упати во Скопје, на средба и заедничка прес-конференција со британската премиерка Тереза Меј.

МИА