среда, 2. декември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Заев: Храброста на нашите борци на кои денес им се поклонуваме е мотивот кој не води секој ден

Заев: Храброста на нашите борци на кои денес им се поклонуваме е мотивот кој не води секој ден

Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признанена од сите, горда, исправена, еднаква со другите останати, држава на која граѓаните ќе бидат горди. Храброста на нашите борци на кои денес им се поклонуваме  е мотивот кој не води секој ден, за држава исправена пред светот. Нема подобар начин да им се оддолжиме, освен со продолжување на храбрите чекори. Време е Македонија да направи историја, забрзано да продолжи на патот кон посветла иднина. Одговорот на таа шанса треба да го дадеме заеднички, никој место нас нема да донесе одлука.

Ова е пораката што ја испрати денеска од Пелинце премиерот Зоран Заев, обраќајќи се повод одбележувањето на двата Илиндена.

Заев апелира граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември и да кажат „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија, рече дека Договорот со Грција е патриотски и дека со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство и повика на единство, наместо на поделби.

– Да ги запреме сите поделби, да се обединиме внатре и со европското семејство за да имаме утре. Пред неколку дена го потврдивме датумот за референдумот – 30 септември. Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО. Секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука. Сега е моментот. Државотворните народи препознааваат вакви историски моменти, во вакви моменти не се седи дома, не се молчи, туку шансата треба да се зграби храбро, одлучно, достоинствено, напомена Заев.

Иднината, истакна премиерот, е вистинскиот избор, секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата, а со тоа и за иднината на својата земја.

– Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба да изберете. Излезете и изберете. Демократскиот избор на граѓаните мора да се почитува, нивниот став е конечен. Уверен сум дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор, дека ќе го избереме патот што води напред. Никој не може да не споре, одлучни сме и решителни Македонија да успее и ќе успее, подвлече премиерот.

Според него, доста беше заробена држава, криминал, корумпирано судство, купени медиуми, политичка мафија.

– Доста е небиднина, ќе избереме иднина, време е за иднина наместо небиднина. На 30 септември ќе ги одбиеме мракот, криминалот, неизвесноста и изолацијата. Ве повикувам сите да кажете со гордост „да“, да кажеме „да“ за гарантирана стабилност и безбедност преку членство во НАТО, за признат и потврден идентитет, јазик и култура, порача премиерот Зоран Заев од Пелинце.

Официјалното одбележување во Пелинце почна со интонирање на македонската химна и со положување цвеќе во Мемроијалниот центар. Со премиерот Заев, во Пелинце се и владини министри, меѓу кои за внатрешни работи Оливер Спасовски и за надворешни Никола Димитров

Коронавирус