петок, 16. април 2021. Вести денес: 146
home Вести

Заев го прифаќа предлогот за техничка Влада кој Мицкоски го нудеше одамна

Заев го прифаќа предлогот за техничка Влада кој Мицкоски го нудеше одамна

Премиерот Зоран Заев за првпат во интервју за „Слободен Печат“ за отвори можноста за формирање на Влада на Национален спас во која би влегла и опозицијата. Со ваквиот предлог Заев признава дека нема стабилно парламентарно мнозинство во Собранието и го прифаќа предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицскоски за широка техничка Влада.

-Нудиме соработка од секој можен аспект. Се што треба да направиме, да направиме, но дефинитивно мора да имате човек од другата страна, за да разговарате. Првпат го кажувам ова, сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицковски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема, нека го тргнат и Заев, само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот!, истакна во интервјуто премиерот Зоран Заев.

После ваквата „фрлена“ ракавица од страна на премиерот, може да се заклучи дека Заев го нема „стабилното“ мнозинство во Собранието, а гласањето на доверба на Владата во средата всушност била фарса и манипулирање со јавноста.

Заев после изгласаната доверба на владата рече дека расте и неговата одговорност да се одблокира Парламентот, по законски основи, по пат на Деловник и по пат на разговори, а еден ден потоа го немаше тоа парлементарно мнозинство за непречена работа на Собранието.

-Голема чест е што добив доверба, навистина првпат премиер ја користи деловничката алатка од членот 217 став 2, и сам да побара доверба. Јас сум среќен, сум благодарен за поддршката од мнозинството во Парламентот заради тоа што тоа е основа за да продолжиме да работиме. Пред се сум благодарен што сета оваа неизвесност ја тргнавме од граѓаните. Долг период, три-четирири, ако не и шест месеци, имаме закани дека не постои парламентарно мнозинство, дека Владата ќе падне, а тоа влијае на целиот народ, влијае на економијата, на администрацијата, на Владата, овие облаци, оваа магла ја тргнавме, и тоа е многу значајно заради општествените придобивки, рече Заев.

Од друга страна пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште одамна бараше оставка на целата Влада и формирање на експертска Влада, која што би подготвила терен за фер избори.

– Важно е да направиме техничка влада која ќе подготви терен за фер избори. Да избереме влада на чест, која ќе обезбеди тоа што овие мафијаши не можат, а тоа е достоинствен живот, побара неодамна Мицкоски.

Тогаш ваквото барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од страна на власта беше отфрлено, и истите да се истрчаа да изгласаат доверба со само 62 пратеници на сопствената Влада, за да следниот ден Парлементот да го нема потребното мнозинство на непречана работа на истиот.

Коронавирус