вторник, 24. ноември 2020. Вести денес: 149
home Вести

Заев го дава Гоце, но затоа Борисов и Каракачанов не ги дава

Заев го дава Гоце, но затоа Борисов и Каракачанов не ги дава

Гоце Делчев го даваме, ама Борисов и Каракачанов не ги даваме. Вака отприлика звучат изјавите на премиерот Зоран Заев после бугарското вето за Македонија за почеток на преговори со ЕУ.

Додека Бугарија не’ блокира и ги негира македонскиот народ, јазик и идентитет, премиерот Зоран Заев упорно тврди дека бугарскиот премиер Борисов и вицепремиерот Каракачанов ни се пријатели. И покрај тоа што нивна е одлуката за ветото, премиерот Заев смета дека не е.

Сите знаат дека Борисов како прв човек на бугарската влада е најодговорниот за блокадата, сепак тоа не го гледа премиерот Заев. Тој тврди дека Борисов е против како отсјај на неговиот народ кој исто така на Заев е против блокадата, иако анкетите во Бугарија покажуваат дека 84% од Бугарите го поддржуваат ветото.

Но, Борисов не е единствениот од кого не се откажува Заев, тука е е и бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, кого го смета за пријател.

-Јас често го слушам мојот добар пријател Каракачанов. И тврдам дека тој ја сака Македонија, но некојпат на погрешен начин ја сака Македонија, рече Заев во интервјуто за Дојче Веле после бугарското вето.

Бидејќи добро ни се познати ставовите и на Борисов и на Каракачанов, дека македонскиот народ е вештачки создаден од Тито, дека Гоце Делчев е Бугарин, историјата пред 1944 година е бугарска, како и јазикот дека е дијалект на бугарскиот, се поставува прашањето:Kaко може Заев да ги смета за пријатели?

Како може да ти биде пријател некој кој го негира твоето постоење, тоа само Заев го знае. Од друга страна, како држава немаме толку среќа премиерот Заев да не се откажува од македонската историја и македонскиот идеолог, Гоце Делчев. Во ситуација кога Бугарија не попушта, очигледно дека македонската влада попушта и за да не добие ново вето најверојатно ќе го даде Гоце Делчев, а со тоа целиот македонски идентитет граден околу неговиот лик и дело.

Во неговото интервју веднаш по ветото, за ТВ 21, Заев рече дека не само што и за Гоце е можно решение, туку и дека е спремен да потпише Декларација.

-Подготвени сме да усвоиме Декларација која ќе биде правнообврзувачка за имплементирање на се она што е предвидено од договорот со Бугарија, изјави Заев.

Дека Македонија и македонскиот идентитет, за власта се помалку важни од личното приватно пријателство со бугарските власти потврди и Каракачанов. Тој изјави дека македонскиот вицепремиер, Никола Димитров кога оди во Бугарија средбите почнуваат со бакнежи и прегратки, но и поздрави за неговиот татко за кого изгледа не му смета да го нарекуваат Бугарин.

-И тој Димитров за кој зборувате, тој истото го прави. Доаѓа во Софија, влегува во мојот кабинет, си зборуваме пријателски. Не викаме преведувач. Тој ми праќа многу поздрави од татко му и јас му праќам поздрави на неговиот татко. Татко му е добар Бугарин кој има напишано прекрасни статии за тоа како е создавана македонската нација кои би било добро син му Никола да ги прочита. Излегува од тука, се сретнува со министерката Захариева, прегратки, бакнежи, љубезност… Оди во Брисел и зборува за Бугарија, вели Каракачанов во неговото интервју.

Од сето ова може да видиме дека иако тука, во Македонија продаваат приказни дека ги бранат државните интереси, кога одат во Бугарија сосема е поинаква е сликата. Таму според се, тие воопшто не го бранат македонскиот идентитет, туку си прават приватни дружби и прифаќаат се што им се сервира и се бара од нив.

Токму и затоа упорно не се откажуваат од Борисов и Каракачанов, додека во исто време тие не’ блокираат, не’ негираат и бараат од нас да се откажеме од нашите корени и македонскиот јазик.

Коронавирус