петок, 10. април 2020. Вести денес: 0
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Заев доцни со мерките: Пред две недели Мицкоски укажа дека ќе нема пари, сега доаѓа време на скапи кредити

Заев доцни со мерките: Пред две недели Мицкоски укажа дека ќе нема пари, сега доаѓа време на скапи кредити

Две недели поминаа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача веднаш да се обезбедат свежи пари кои ќе треба да влезат во македонската еконимија затоа што такви пари ќе снема.

Денес лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека 60% од буџетот нема да се наполнат бидејќи пари нема!

-Ќе бараме кредити, но треба да знаат граѓаните дека големите пари ги повлекоа големите земји. Малку се парите, дел од кредитите ќе ја санираат состојбата, но дел мораме сите заедно солидарно да го понесеме, истакна денес Заев.

Задолжувањето станува поскапо, а доцнењето на Заев ќе се удри по грбот на македонските граѓани. И нема да биде доволно.

-Но, треба да знаат граѓаните и тоа ќе го кажам јавно дека очекувањата на наплатата на приходите се помеѓу 30 и 40%, значи околу 60% ќе недостасуваат. Секако 30% ќе ги надокнадиме ако обезбедиме кредити повеќе од 1 милијарда и 200 милиони евра, а во моментот ни нудат не повеќе од 600 милиони. Еве да обезбедиме милијарда и двеста милиони, останатите 30% мора да кратиме, мора да штедиме, сето тоа што не директно задира во приватната потрошувачка или во јавната потрошувачка, рече тој.

Државата сега ќе се задолжи, но парите ќе ги враќа со многу повисоки стапки на камата. Само поради тоа што власта беше премногу суетна да прифати предлог мерки кои не се нивни, туку на опозицискиот лидер.

Доцнењето на Заев, Македонија скапо ќе го плати. Граѓаните на свој грб ќе ги превземат трошоците, ќе почувствуваат кратење од семејниот буџет и нивните примања ќе се намалат. Да се удри по џебот на граѓаните, побара токму екс-премиерот Заев.

Што одамна бараше Мицкоски?

„Средствата за придонеси и плати во директно погодените дејности што треба да се исплатат за еден месец изнесуваат околу 80-тина милиони евра. А тие компании во моментот, во месец март имаат заработка од НУЛА денари. Истите овие фирми треба да платат 15-тина милиони евра ДДВ, а во месец март ќе повторам имаат приход од нула денари. Почнаа првите отпуштања на вработени и клуч на врата за компаниите. Да напоменам 70-тина проценти од овие компании се мали претпријатија од еден до десет вработени. Во клучните два месеци очекуваме негативното влијание во економијата да изнесува цели 220 милиони евра. Или месечно се губат по 110 милиони евра само по овој основ.

И ова е најважното, денес владата излезе со пакет на мерки од некоја си кредитна линија во вредност од 5 милиони евра за компаниите, а тие губат по 110 милиони евра месечно. Помошта од кредитната линија од 5 милиони евра на владата во услови кога се губат 110 милиони евра, каде што нема за плати и придонеси, се затвораат фирми, не само што не е доволна, туку и смешна и навредлива.

Ако не помогне државата и влада нема од каде. Секој ден без помош значи банкрот за многу компании. Црвениот аларм е вклучен. Од информациите кои што стигаат до нас една компанија која беше корисник на средства од Агенцијата за финансиска помош и поддршка а беше поврзувана со името на еден поранешен функционер во владата на Зоран Заев од петокот е затворена и 150 вработени од таа компанија се на улица.

Веднаш по прогласување на вонредна состојба треба да се донесат владини одлуки со законско дејство. Потребно е замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот.

Замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот.  Така и на банките ќе им се помогне.

Државата да ги ослободи компаниите од трошоците за придонеси за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот. Тоа се секторите кои што се најмногу погодени, како што се туризмот, угостителството, текстилната, кожарска и сите оние останати сектори.

И порака до Владата, освен за пи-арот грижете се за граѓаните. Немојте да се натпреварувате кој повеќе прес конференции ќе одржи, туку натпреварувајте се кој повеќе протоколи ќе усвои и како да се справиме со пандемијата. Да  делуваме одговорно, да работиме за граѓаните и да работиме на здравјето на граѓаните и економијата“, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ понуди план како да се обезбедат една милијарда евра за да се надмине кризата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пред три дена соопшти план како владата може да стигне до една милијарда евра свежи пари за да, како што вели, граѓаните и бизнисот не ја почувствуваат кризата.

-Покрај тие 600 милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светската банка, ММФ и Странските банки, дополнително може да се обезбедат околу 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде министерството за финансии, имено пасивниот капитал да се претвори во актива. Тековно, банките на сметки во НБРМ имаат огромна ликвидност и дополнително од тоа, имаат 25 милијарди денари во благајнички записи (тоа е околу 420 милиони евра). Тоа се краткорочни хартии од вредност издадени од Народната Банка за повлекување на ликвидност од банките во услови на вишоци на ликвидност во банкарскиот систем, но и кога има вишок на ликвидност во вкупната економија, за да не се креираат притисоци врз инфлацијата. Банките секој месец ги запишуваат во Народната Банка и ова се на еден начин замрзнати или пари како што велат економистите надвор од економијата, рече Мицкоски и додаде:

„Во услови кога општата ликвидност на економијата е загрозена (парите не циркулираат во економијата), овие средства во едномесечни хартии од вредност од централната банка треба да се пренасочат во државни хартии од вредност кој што ќе ги издаде државата преку министерството за финансии и затоа бараме веднаш аукција на државата за собирање на оваа ликвидност која што се цени околу 420 милиони евра. Кога овие средства ќе ги додадеме на оние веќе 600 милиони евра коишто планираме да ги позајмиме доаѓаме до бројката од 1 милијарда, бројка која што е доволна за да граѓаните и стопанството првиот бран од кризата не го почувствуваат негативно. Овие средства од 420 милиони евра да се стават на располагање како фонд на Македонска банка за поддршка и развој за директна поддршка на приватниот сектор, особено на микро, малите и средни претпријатија за да ја надминат својата неликвидност. Ова се значајни средства – 420 милиони евра кои ќе имаат влијание врз ликвидноста во економијата – ќе се вратат во буџетот како приливи од даноци, ќе се вратат во банкарски систем преку отплата на кредити и рати од страна на приватниот сектор итн“.

Веќе часовникот не е 5 до 12, потенцира Мицксоски, туку 12 и 5.

-Секој изгубен ден значи загубено работно место и нарушен стандард. Ова веќе не е само здравствена туку и сериозна економска криза. Апелирам на брзо делување и наместо трка по политички поени, трка по работа и делување на дело. Државата оди по работ. Мора одговорно и одлучно делување. Ова не смее да се претвори во криза во која главната цена ќе ја платат работниците, туку во битка каде ќе го заштитиме стандардот, а државата ќе донесе правилни и вистински одлуки. Апелирам на разум, апелирам на вистински одлуки, затоа што секој живот вреди, и затоа што ја сакам Македонија и сосема на крај купувајте македонски производи, порача тој.

Коронавирус