четврток, 6. август 2020. Вести денес: 151
home Вести

Заболени 136 лица од коронавирус, најголем број од Скопје и Дебар – починати се две лица

Заболени 136 лица од коронавирус, најголем број од Скопје и Дебар – починати се две лица

По речиси еден месец од првиот случај на заразен со КОВИД-19 во земјава (потврден на 26 февруари и веќе излекуван), бројот на инфицирани со агресивниот вирус вчера достигна 136, а во само два дена имаме две жртви на коронавирусот. По 57-годишната жена од Куманово која почина завчера, на Инфективната клиника вчера почина и 63-годишен жител од Дебар. Во болницата бил примен на 17 март, а претходната ноќ состојбата нагло му се влошила.

До вчера напладне беа дијагностицирани 22 нови заболени, што е за седум помалку по поминати  24 часа. Според министерот за здравство Венко Филипче, тоа е охрабрувачко, но, рече, не мора ништо да значи зашто сè уште сме во тренд на зголемување на бројот на пациентите.

Од вкупниот број заболени најмногу, односно 81, се од Скопје. Четириесет се од Дебар (меѓу кои и починатиот), седум од Штип, тројца од Куманово (меѓу кои е и првата жртва), по двајца се од Кавадарци и Охрид и еден од Гостивар.

Петнаесет од најновите 22 заразени се од Скопје и биле во врска со кластери на заболени што веќе  им се познати на епидемиолозите. Министерот Филипче соопшти дека досега никаде во земјава, ниту во Скопје, нема локално автохтоно жариште. Потеклото на заразата е од лица што престојувале во странство, па затоа се очекува преземените рестриктивни мерки да дадат резултати во спречување на ширењето на вирусот.

За целосно исчезнување на КОВИД-19 ќе може да се каже кога ќе нема нови случаи по два циклуса на инкубација, рече министерот Филипче, кој верува во позитивно сценарио во справувањето со коронавирусот ако граѓаните строго ги почитуваат мерките за ограничување на социјалните контакти.

Во зависност од манифестацијата на болеста, дел од инфицираните се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а дел се лекуваат во домашни услови. На Инфективна се пополнети 25 проценти од капацитетите на легла за инфицирани, а само еден пациент е приклучен на апарат за дишење. Во ГОБ  „8 Септември“ за евентуален прием на заразени се подготвени уште 400 кревети.

Засега нема сигурна терапија, но позитивни резултати дава комбинација на антибиотикот „сумамед“ и лек против маларија (хлорокинин) и веќе се применува во протоколите низ светот. Филипче за денеска најави завршување на формално-правната постапка за да се добие дозвола од Агенцијата за лекови оваа комбинација да се употребува како терапија, по што ќе биде аплицирана кај сите пациенти каде што тоа е индицирано.

Поради масовна побарувачка на „сумамед“ во аптеките, откако се дозна за неговата ефикасност, донесена е одлука антибиотикот да се издава само со т.н. бел рецепт, што значи на трошок на Фондот за здравствено осигурување. Министрерот  апелираше до граѓаните да не прават залихи на овој лек зашто го има во доволно количество во земјава и затоа што не е добро самите да го примаат превентивно како терапија.

Од вчера на територијата на целата земја во функција се и 14 центри за тестирање за земање брисеви, а на располагање се 1200 матични лекари кои ќе се вклучат во процесот на дијагностицирање. За епидемиолошка анкета секој пацинет / граѓанин може да се јави кај својот матичен лекар кој, пак, согласно со податоците ќе укаже дали е потребно тестирање или не, и доколку е потребно, кој е степенот на итност. Преку системот МојТермин ќе се закаже соодветно време во кој ќе биде земен брисот во еден од 14-те пунктови низ државата. Во Скопје пунктовите се во поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром и во Ченто.

Ноќта меѓу 22 и 23 март помина и со прв полициски час од 21 до 6 часот. Според МВР, мерката за ограничено движење генерално била почитувана  на целата територија на државава. Опоменети биле 74 лица, а 18 биле приведени зашто не ја почитувале ниту опомената.

Со новите превентивни мерки на Владата, полицискиот час од денеска трае до 5 часот наместо до 6, а воведена е забрана за движење за две категории граѓани – за постари од 67 години кои не смеат да излегуваат од дома од 11 претпладне до 5 часот наутро, и за младите до 18 години кои не смеат да бидат надвор од 21 до 12 часот напладне.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи контролираат 618 лица  со решение за изолација за здравствен надзор  и 7307 лица со изјави за самоизолација, а на територијата на целата држава има поднесено 77 кривични пријави.

На располагање за лицата во карантин се ставаат и хотелите. Во „Ибис стајл“ во Скопје се примени првите 59 лица кои во земјава влегле на Деве Баир и од Косово и е потребно да се во изолација. Црвениот крст, пак, формираше мобилни тимови чија задача е да им ги набавуваат неопходните прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена на лицата во изолација и да им ги достават до домовите. Нивната услуга е бесплатна, а граѓаните во самоизолација треба да платат само за артиклите кои им се набавуваат.

И припадниците на Воената полиција во Армијата вчера активно се вклучија во обезбедување на објектите од витално значење, меѓу кои Владата, Собранието и затворите во Скопје. Обезбедувањето се спроведува  во комбинирани тимови со единиците на полицијата.

За општините Дебар и Центар Жупа, каде што од 13 март е прогласена кризна состојба поради коронавирусот, Центарот за управување со кризи (ЦУК) донесе одлука од вчера во 17 часот да се издаваат пропусници за движење за учесниците од Системот за управување со кризи и други субјекти кои спроведуваат мерки и активности, а се поврзани со потреба од движење и работа на кризното подрачје.

А додека се донесуваат и применуваат вонредните мерки, повеќе текстилни погони во земјава изработуваат заштитни маски кои се дефицитарни во аптеките. Некои конфекции прават маски за повеќекратна употреба и ги донираат за потребите на граѓаните.

Независниот синдикат на полицијата апелираше до сите организации и институции доколку имаат можност да донираат заштитна опрема и средства за дезинфекција за полициските службеници зашто се изложени на ризик при извршување на работните задачи во справувањето со коронавирусот.

Се апелираше и до ЈСП „Скопје“ да го зголеми бројот на автобуси за јавен превоз зашто наспроти мерката,  граѓаните го немаат потребното растојание во фреквентните часови. Редуцирањето на градските автобуски во Скопје беше и меѓу прашањата до министерот Филипче кој одговори дека за сугестиите на граѓаните веќе разговарал со градоначалникот и дека од денеска проблемот ќе биде решен.

Владата подоцна донесе одлука полицискиот час од денеска да завршува во 5, а не во 6 часот наутро, а премиерот Оливер Спасовски во ТВ-интервју синоќа рече дека со Кризниот штаб ќе се разгледува и можноста дали воопшто да има јавен превоз во главниот град.

Коронавирус