вторник, 12. ноември 2019. Вести денес: 149
home Вести

За Пописот на населението догодина ќе се потрошат најмалку 522.000.000 денари

За Пописот на населението догодина ќе се потрошат најмалку 522.000.000 денари

Собраниската Комисија за европски прашања утре треба да расправа по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2020 година, во прво читање.

Како што стои во предложениот текст, согласно Законот за државната статистика и Петгодишната програма за статистички истражувања 2018 – 2022, Државниот завод за статистика во април 2020 година треба да го спроведе деветтиот Попис на населението, становите и домаќинствата на територијата на Република  Македонија.

Според Предлог-законот, Пописот ќе предизвика финансиски импликации врз државниот Буџет и тоа: оваа година, наредната (кога ќе се спроведува попишувањето), како и во 2021-ва (за прибирање, обработка и печатење на податоците од Пописот и нивно дисеминирање). Поради тоа, треба да се обезбедат вкупно 522.751.000 денари од кои 221,315,000 за 2019 година и 301,436,000 за 2020-та.

Во предлог-текстот не пишува колку пари ќе бидат потребни за 2021 година, кога ќе се обработуваат податоците од Пописот.

Вообичаено е пописите да се спроведуваат на секои 10 години, и тоа во годините кои завршуваат на нула или еден. Последниот Попис на населението, домаќинствата и становите во земјава беше спроведен во 2002 година. Во 2011 година почнатиот попис беше прекинат со одлука на Владата, наведува законското решение.

Во изминатиот период државава има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година. (МИА)